| четврток, 6 декември 2018 |

Македонските ученици ќе учат на интерактивни табли

Кредите и сунѓерите си го отслужија своето

tabla_interaktivna_ucilisna

Учениците на 66 основни и средни училишта во Македонија од денеска ќе учат на интерактивни електронски табли кои користат компјутерски екран чувствителен на допир. Интерактивната табла е образовно помагало, кое што им овозможува на професорите лесна презентација на дигитални содржини при спроведувањето на наставните програми.

Таблите се донација на „Македонски телеком“ и целата донација чини 165.000 евра. Со ова заокружи донацијата од три милиони евра за проектот „Компјутер за секој ученик“, која почна уште во 2007 година.

Министерот за образование и наука Панче Кралев информираше дека на повикот за доделување на интерактивни табли се јавиле 96 основни и 36 средни училишта, а донацијата од 66 табли е дадена на  54 основни и на 12 средни училишта. Обуката за нивно користење ја поминале околу 130 наставници.

Тој најави дека процесот на опремување на училиштата со интерактивни табли ќе продолжи, за што покрај од донатори, Владата е подготвена да одвои средства и од буџетот, со цел ваква технологија да биде што е можно повеќе достапна во сите училишта.

Глaвниот извршен директор на Македонски Телеком Даниел Сас истакна дека оваа донација ќе има видливи ефекти на долги патеки и ќе им користи на цели генерации на ученици.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top