| четврток, 6 декември 2018 |

Последниот Фаберже се врати на Црвениот плоштад

Наспроти повеќегодишните напори, Тео и Сара Фаберже никогаш не успеале да го остварат правото и нивните јајца да го носат името на славниот предок. Но, новите јајца и денес на аукциите постигнуваат ценa што им овозможува удобен живот. Најскапите се продаваат од 20.000 евра

Историјата на Фаберже почнува со идејата на рускиот цар Александар Трети на својата сопруга Марија Фјодоровна да ѝ подари скапоцено јајце за Велигден. На негово барање, во 1885 година Петар Карл Фаберже го изработил првиот ваков производ. Со тоа почнала традицијата на царското семејство за големиот христијански празник да си подаруваат меѓу себе скапоцени јајца. Секое од нив е уникатно, покриенo со дијаманти и со други драгоцени камења. Во периодот од 1885 година до 1917 година се изработени вкупно 68 производи во форма на велигденски јајца, наменети за руските цареви и за приватните колекционери. Педесет и четири од нив завршиле во рацете на Александар Трети и на неговиот син Николај Втори. Секое јајце отсликувало некој настан од руската историја.

Со падот на царското семејство за време на Револуција во 1917 година, производството на скапоцените јајца влегува во криза. Карл Фаберже бил принуден да ја напушти земјата, по што неговата компанија била национализирана, а царската палата ограбена. По грабежот, болшевиците ги распродале уникатните јајца на приватни колекционери. Во тоа хаотично време многу од нив биле и загубени. Во моментов, дел од зачуваните оригинали можат да се видат во музеите, а дел кај приватни колекционери.

FaberzeJajca85-2

Карл Фаберже e роден во Санкт Петербург, во семејството на златарот Густав Фаберже и неговата жена Шарлота Јунгштед. Во 1860 година семејството се преселило во Дрезден, каде што Карл, тогаш младич, отишол да го учи златарскиот занает во Куќата на Фридман во Франкфурт. Во 1864 година се вратил во Санкт Петербург и му се придружил на татка си во фирмата, а во 1872 година го презел нејзиното управување.

FaberzeJajca85-3

Тео Фаберже
(внук на Карл Петар Фаберже)

Карл и неговиот помлад брат Агатон биле сензација на Серуската изложба во Москва во 1882 година, а три години потоа, царот Александар Трети го назначил за официјален дворски снабдувач, како награда за тоа што му направил прекрасно велигденско јајце наменето за царицата. Оттогаш, Фаберже секоја година правел по едно вакво јајце за царот како подарок за царицата Марија. Царот Николај Втори порачувал по две јајца секоја година, едно за неговата мајка и едно за неговата жена, Александра, обичај што се одржал од 1895 година до 1916 година. Фаберже не правел само јајца, туку и многу повеќе: во 1896 година фирмата ги произвела сите подароци за крунисувањето на Николај Втори. Неговата фирма била најголема во Русија, со 500 вработени, со филијали во Санкт Петербург, Москва, Одеса, Киев и во Лондон. Но, во 1917 година, во хаосот на Октомвриската револуција, Фаберже ги продал своите акции на вработените и избегал од Русија. Неколку години подоцна умрел во Лозано, Швајцарија.

– Кога Фаберже сфатил дека загубил сѐ и дека никогаш повеќе нема да може да се врати во саканата Русија, неговото срце престанало да чука. Се урнал целиот негов свет и тој починал од тага во Швајцарија во 1920 година – запишал во една своја студија Геза фон Хабсбург, најдобриот стручњак за Фаберже надвор од Русија.

Синовите на Карл, Евгениј Фаберже и Александар Фаберже ја основале фирмата-наследничка, која денеска (според податок од 2003 година) е во сопственост на златарот Виктор Мајер.

Еден друг потомок, Тео (внук на Карл Петар Фаберже) и неговата ќерка Сара, развиле нови дизајни. Нивната цел е да бидат достојни за името „Фаберже“ и да произведуваат прекрасни предмети со висок квалитет. Тие отвориле мал бутик во Санкт Петербург во 2003 година, а во октомври 2005 година, вториот ваков бутик бил отворен на Црвениот плоштад во Москва.

FaberzeJajca85-4

Тео Вудал е роден на 26 септември 1922 година во лондонското предградие Твикенхам. Момчето растело во идиличен и мирен крај, кој дишел со менливиот ритам на викторијанските зданија и на импозантните паркови, на имотот на Франсис Бекон. Во семејството полно со нежност и со внимание малиот Тео многу рано покажувал љубов кон изработката на ситни играчки од дрво, кон поправка на часовници и на мали машини. Во текот на викендите, одел на излети со својата тетка и со нејзиниот љубовник, оженет маж без деца, кој се занимавал со фотографија и кому тетка му многу често му позирала… Љубовникот и фотограф на неговата тетка починал во 1935 година, а малиот Тео шест години подоцна завршил во Египет. Како авиоинженер, тој во Египет оспособил поголем број авиони на РАФ, а по војната се вработил во фабриката за фотографска опрема. Набрзо потоа отворил сопствено производство на проектори и на уреди за снимање. Во меѓувреме, слободното време Тео го поминувал во реставрацијата на старински мебел, а посебно го радувало заживувањето на фините орнаменти на стилските маси, на орманите и на комодите.

FaberzeJajca85-5

Во 1969 година Тео ја дознал големата тајна.

– Јас сум твојата мајка. А мојата сес­тра Линда, за која мислеше дека е твоја мајка, всушност, е твоја тетка. Твој вистински татко не е Филип Вудал. Неговото име е Никола Леополд Фаберже, мој драг пријател, кој умре во 1939 година – му соопштила мајка му.

Шокантната вест воопшто не го растажила 47-годишниот инженер.

– Се чувствував исполнет! Ја проучив историјата на семејството Фаберже и го сфатив потеклото на мојата опсесија со ситни предмети, со инструменти и со обработка на дрво. Сето тоа е запишано во мојата крв, но скриено и складирано сите овие години. Најпосле знаев што треба да направам за да бидам среќен – изјавил Тео.

На човекот што веќе ги изучил и совладал сите занаети за кои се потребни и вешти прсти и остро око, му требале само шест години за да ги добие најпрестижните признанија на британските занаетчиски задруги за своите велигденски јајца. Колекционерите на јајцата „фаберже“ биле одушевени. За своите збирки можеле да нарачуваат нови јајца, со автентичен потпис на еден машки предок на славниот Петер Карл Фаберже!

Од 1985 година, Тео Фаберже почнува да создава велигденски јајца под марката „санкт петербург колекшн”, а сѐ до неговата смрт во август 2007 година, во работата му помагала неговата ќерка Сара Фаберже. Својата работилница и изложбен простор ја отвориле само стотина метри од местото на кое Никола Фаберже, во „Бондстрит“ имал фотографска работилница и галерија… Наспроти повеќегодишните напори, Тео и Сара Фаберже никогаш не успеале да го остварат правото и нивните јајца да го носат името на славниот предок. Но, новите јајца и денес на аукција постигнуваат цена што им овозможува удобен живот. Најскапите се продаваат од 20.000 евра.

FaberzeJajca85-6

Со ова продолжува традицијата на создавање јајца од Фаберже слични на тие од времето кога Петар Велики го формирал Санкт Петербург. За сликање на едно порцеланско јајце, според зададените правила и обрасци, на уметникот тогаш му требале околу 40 дена.

Количеството јајца наменети за царското семејство за секој Велигден било строго определено: царот и царицата добивале по 45, големите кнезови по три, а големите кнегињи по две. Бројот на јајцата што ги изработувала Царската манифактура постојано растел: во 1799 година биле изработени 254 јајца, во 1802 – 960, на Велигден 1914 – 3.991 јајце, за во 1916 година да бидат изработени 15.365 парчиња.

(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 85. број на неделникот „Република“, 18.04.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top