| четврток, 6 декември 2018 |

Словенија го продава Телекомот Словенија, а ќе ја задржи Нова љубљанска банка

аленка

Словенечката премиерка Аленка Братушек потврди дека нејзината влада одлучила да ги продаде сите државни акции во словенечкиот Телеком, како би овозможила за добра цена тој да биде преземен од стратешки инвеститор, но порачала дека најголемата словенечка банка никогаш нема да биде во целост продадена, поради нејзиното стратешко значење за државата.

– На продажба е целиот Телеком Словенија бидејќи сакаме да добиеме што подобар стратешки партнер и што подобра цена – изјавила Братушек за неделникот „Младина“.

Братушек потенцирала дека кога се работи за банките во државна сопственост, тоа е целосно друг случај, особено за најголемата банка, Нова љубљанска банка (НЛБ).

– Оценувам дека е добро тоа што не одлучивме да ја продадеме НЛБ и никогаш нема целосно да ја продадеме – рекла Братушек, додавајќи дека доколку државата се реши за приватизација на оваа банка, сепак ќе задржи четвртина од акциите.

За разлика од 2007 година, кога на тендер беа понудени помалку од половина од акциите во Телеком Словенија и кога за нив беа заинтересирани главно инвестициски фондови, словенечката влада сега нуди 72,75 проценти од акциите во Телеком, кои се во сопственост на државата, нејзините фондови и осигурителните друштва.

Се очекува меѓу понудите да се најде и некој од големите светски телекомуникациски компании, а најчесто се споменува Дојче телеком.

Според моменталната вредност на акциите на Љубљанската берза, Телеком Словенија вреди речиси 900 милиони евра, а словенечките медиуми тврдат дека поради идните инвеститори би можеле да понудат и до милијарда евра за сите акции на компанијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top