Концертот на Ана Дурловски и Македонската филхармонија, под наслов „Магичната Ана Дурловски“ ќе се одржи во Домот на АРМ в четврток со почеток во 20 часот.
Оркестарот ќе биде под диригентското водство на добро познатиот бугарски диригент Емил Табаков.
Ана Дурловски е добитничката на највисоката оперска награда во Германија, „Фауст“ и со својот уникатен музички израз и спектакуларните можности на нејзиниот глас, ќе го отпее Концертот за колоратурен сопран и оркестар од Рајнхолд Глиер, единствен од ваков вид во светската музичка литература, а на програмата се и балетската музика „Валпургиска ноќ“ од Шарл Гуно, Увертира кон операта „Набуко“ од Џузепе Верди, како и симфониската поема „Вретеното на Омфал“ од Камиј Сен-Санс, која премиерно ќе биде изведена во Македонија.
Од 2006 година до 2011 година Ана Дурловски е дел од ансамблот на Државниот театар во Мајнц, каде што настапува како Лучија во „Лучија од Ламермур“, Софи во „Кавалер со роза“, Музета во „Боеми“ и Манон во „Манон“. Од 2011 година Ана Дурловски има постојан ангажман во Државната опера во Штутгарт, каде што за интерпретацијата на главната улога во операта „Месечарка“ добива пофалби од критиката и публиката. За истата улога во ноември 2012 година Ана Дурловски ја добива најпрестижната оперска награда во Германија „Фауст“, за најдобро остварување во оперска улога. Во Штутгарт Дурловски настапува и во улогите на: Моргана во „Алчина“, Ла Фоли во „Плате“, сестра Констанца во „Дијалози на Кармелиќанките“ и др.
Покрај тоа што денес Табаков е еден од најзначајните диригенти на овие простори, тој е истовремено и еден од најинтересните бугарски композитори, кој уште на почетокот на 80-тите години на минатиот век значително се истакнува со неговото творештво. За неговите творби е наградуван од Сојузот на бугарските композитори, а голем број од овие композиции се веќе снимени и објавени на компакт-дискови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.