Потрагата по исчезнатиот малезиски авион, веројатно, ќе се одолговлечи на повеќе години, изјави денеска висок американски претставник.
Подводната потрага во Индиски oкеан во реонот западно од Австралија по каква било трага, која ќе доведе до остатоците од авионот од летот МН370, досега не донесе резултати.
– Потрагата по мистериозно исчезнатиот авион сега ќе влезе во мошне потешка фаза на пребарување на пошироко подрачје на oкеанот – изјави анонимен претставник на американските вооружени сили.
– Ние сите дојдовме во помало подрачје и ништо не најдовме. Сега мораме да се вратиме на поширока територија. Сега зборуваме за години – додаде тој.
Малезискиот авионот „боинг-777“ со 239 патници и членови на екипажот, кој сообраќаше на реалација Куала Лумпур – Пекинг, мистериозено исчезна на 8 март и оттогаш му се губи секаква трага.
Инаку, по неколкуте анкети на јавното мислење, според кои, најмалку половина жители на Малезија не веруваат во официјалните соопштенија на Владата во врска со исчезнатиот малезиски „боинг-777“, малезискиот премиер Наџиб Разак во изјава за „Си-Ен-Ен“ најави дека идната недела ќе биде објавен првиот прелиминарен официјален извештај за несреќата.
Наџиб изјави дека извештајот веќе е испратен до Меѓународната цивилна воздухопловна управа ИКАО.
На вчерашниот брифинг во Куала Лумпур, малезискиот министер за транспорт Хишамудин Хусеин соопшти дека Владата одобрила формирање меѓународна Комисија за истрага во врска со исчезнатиот авион на летот кон Пекинг. Министерот одби да одговори на прашањето дали е валидна опцијата според која „Боингот-777“, кој исчезна на 8 март, илегално слетал во некоја азиска држава.
Официјален Пекинг, кој поради големиот број Кинези кои биле патници на исчезнатиот авион не го крие своето незадоволство од досегашните резултати на истрагата, соопшти дека во работата на меѓународната истражна комисија ќе соработува во согласност со постоечките меѓународни конвенции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.