Во киното „Фросина“ в недела, со почеток од 20 часот, премиерно ќе биде прикажан краткометражниот документарен филм „Мизар – ѕвезда на надежта“ во рамките на „Скопски филмски фестивал“ во вечерта посветена на студентските филмови изработени од студентите на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Автор на филмот е Марко Џамбазоски, студент на катедрата по филмска и ТВ-монтажа, инаку и самиот е музичар во скопската група „Визија“.
Приказната ги обработува почетоците на легендарната македонска група „Мизар“ и трнливиот пат во кој од обичен гаражен бенд, „Мизар’ станува една од најзначајните групи во историјата на македонската рок култура.
За овој филм се користени, главно, досега необјавени аудио и видеоматеријали од групата од кои еден дел се демо-снимки, а други се материјали, кои веќе две и пол децении се заборавени длабоко во архивата на Македонска радио-телевизија. Филмот е базиран на сеќавањето на членовите на Мизар од тој период – Горазд Чаповски, Панта Џамбазоски, Илија Стојановски, Горан Таневски и Слободан Стојков, а во него се опишува и односот на „Мизар“ кон тогашниот политички систем во Југославија и тврдоглавата желба на членовите да донесат промени во општеството, како на пример поголема слобода на мислење и изразување, не само во културата туку и воопшто.
Ова е прв документарен филм за култната македонса група „Мизар“ воопшто. Сценариото, монтажата и режијата се на Марко Џамбазоски, а снимател е Александар Ристески, студент на катедрата по филмско и ТВ-снимање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Скопска премиера на кратометражниот игран филм „Види ја ти неа“
-
Филмот „Година на мајмунот“ на Владимир Блажевски го отвора годинешниот „Скопје филм фестивал“
-
Ирма Башеска Ристовска, режисерка: Не беше само процес на снимање, туку и процес на запознавање на уште една страна на мојот татко
-
Вечерва „Крафтверк“-Поп арт на Зимскиот фестивал Скопје синема сити