Во склоп на проектот Креативен викенд во селото Лазарополе од 26 до 27 април 2014 година по втор пат ќе се одржи работилницата за стрип, работилница на која ќе бидат претставени највозбудливите стрип цртачи на локалната и регионалната сцена, кои преку своите предавања и презентации ќе ја претстават својата досегашна работа, ќе ги изложат своите искуства за и околу стрипот, проблемите со кои се соочува локалната сцена, своите визии за иднината на стрипот како уметност и како стрипот понатаму ќе се развива во локални и глобални рамки. Една од главните цели на оваа работилница е учесниците да имаат можност и да цртаат свои стрипови на зададена тема, заедно да работат, да се инспирираат, создаваат, да ја претстават својата работа, да соработуваат, воедно и да се дружат овие два дена и да уживаат во природата.
Македонската стрип сцена е се уште на ниво на андерграунд и е во процес на дооформување и созревање. Во такви услови потребата од собири каде ќе се пишува и презентира е и повеќе од потребна. Вмрежувањето помеѓу млади и надоаѓачки цртачи, како и оние кои се веќе подолго време присутни на сцената и нивна взаемна соработка и размена на искуства е нужност. Оваа работилница ќе се обиде на едно место да собере цртачи и млади кои се заинтересирани за стрипот и цртањето, кои заедно ќе работат, врз основа на што би се создала база за нивна понатамошна соработка на ниво на локална сцена. Ова е еден чекор кон креирање на своевидна нова цртачка заедница, која ќе ги има сите параметри на една здрава сцена која меѓусебно ќе комуницира и соработува во иднина. Работилницата за стрип е работилница наменета за стрипаџии и цртачи, а ќе се состои од предавања/презентации и работни сесии (цртање) каде авторите ќе имаат можност меѓусебно да се запознаат, да цртаат, да ја презентираат својата досегашна работа и да ги видат цртежите на другите автори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.