| четврток, 6 декември 2018 |

Анкета: Граѓаните сакаат чесни и професионални градоначалници

За граѓаните чесноста е најважната вредност што градоначалникот треба да ја поседува. Професионални градоначалници сакаат 40 отсто од граѓаните, млади градоначалници сакаат 45 отсто од анкетираните, а на 56,7 отсто најважна им е квалитетната програмата што ја нудат кандидатите

Kampanja

Чесни, млади, професионални политичари со квалитетна изборна програма што ќе се грижат за локалниот економски развој и урбанистичкото планирање е идеалниот профил на градоначалник што граѓаните би го гласале на локалните избори. Вака се изјасниле граѓаните во анкетата „Профилот на мојот градоначалник“, која ја спроведоа Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија Социетас цивилс- Скопје (ИДСЦС), пишува „Нова Македонија“.

Чесноста е најважната вредност што градоначалникот треба да ја поседува. Освен чесноста за која се одлучиле 31,9 отсто од граѓаните, градоначалниците треба да поседуваат трудољубивост, за која се изјасниле 16,8 отсто од граѓаните, потоа толеранција (14,9 отсто) и одговорност (13,8 отсто). Граѓаните од градоначалниците најмалку очекуваат да се грижат за заштита на природата за која се одлучиле само три отсто од анкетираните и патриотизмот, кој им е важен само на 2,7 отсто. Со само 6,6 отсто, штедливоста и несебичноста исто така не се во приоритетите што граѓаните ги бараат кај идните градоначалници.

Освен чесни, граѓаните очекуваат и професионални политичари за градоначалници. Така се изјасниле 40 отсто од анкетирани, потоа следуваат бизнисмен т.е. сопственик на претпријатие (15,5 отсто), наставник/професор (12,4 отсто) и лица што вршат самостојна професионална дејност, како на пример адвокат и архитект (11,0 отсто). Лекари, спортисти, земјоделци, новинари, активисти во синдикат или граѓански организации би биле добри градоначалници за помалку од 10 отсто од граѓаните.

На граѓаните важно им е меѓу кандидатите да има пред сѐ млади луѓе, кои ќе имаат до 27 години, за кои се одлучиле речиси половина од испитаниците (45 отсто), и жени, за кои се одлучиле 31,1 отсто од анкетираните. Помалку важно им е да има припадници на другите етнички заедници (6 отсто) и лица со хендикеп (1,9 отсто). За разлика од желбите на граѓаните, меѓу кандидатите за градоначалници на локалните избори што ќе се одржат во март преовладуваат оние што се на возраст над 27 години. Жените се незначително малцинство меѓу кандидатите за градоначалник на локалните избори. Жени ќе се натпреваруваат за урбаните општини како Карпош, Кисела Вода, Тетово и Неготино, но и за руралните, како Конче.

Мнозинството граѓани (66,5 отсто) не би гласале за кандидати од друга етничка заедница, додека, пак, секој трет граѓанин односно 33,5 отсто би гласал.

Квалитетот на изборната програма што ќе ја понуди градоначалникот ќе биде клучен фактор што ќе влијае на мнозинството (56,7 отсто) испитаници за избор на градоначалник и советничка листа на овие локални избори. За третина од граѓаните (33 отсто) најважен ќе биде самиот кандидат односно неговата личност, образованието, искуството и репутацијата. Најмалку важно при изборот на граѓаните ќе биде партиската припадност на кандидатот (10,3 отсто).

Граѓаните сметаат дека главни приоритети во програмата на градоначалниците треба да бидат локалниот економски развој, за кој се одлучиле 32,8 отсто од испитаните, и урбанистичкото планирање, кое е важно за 26 отсто од граѓаните. Потоа следуваат комуналните дејности важни за 10,4 отсто, животната средина за 9,9 отсто и културата за 9,5 отсто. На помалку од 5 отсто од граѓаните им се важни спортот и рекреацијата, образованието, социјалната и детската заштита.

На прашањето дали на изборите ќе гласате за кандидати за градоначалник на друга политичка партија на која не сте симпатизери 55,1 отсто одговориле негативно, додека пак 44,9 отсто одговориле позитивно. Кога се работи за советничките листи на партиите најголем број испитаници, 72,1 отсто, одговориле дека симпатизирањето на одредена партија нема да им биде битно при изборот, односно дека ќе гласаат за квалитетот на кандидатите за советници и понудената изборна програма.

Во делот на учеството на граѓаните во подготовка на изборните програми резултатите покажуваат дека поголемиот дел граѓани (85,2 отсто) не биле контактирани за нивни идеи за изборните програми од страна на политичките партии. Исто така, голем дел граѓани (69,8 отсто) сметаат дека дури и кога политичките партии ги вклучуваат, не ги земаат предвид нивните идеи во подготовка на програмите за локалните избори во 2013 година.

Анкетата е направена телефонски на 13 и 14 февруари 2013 година на репрезентативен примерок од 425 испитаници со +/- 5 отсто грешка. Испитаниците биле постари од 18 години, а критериумите за репрезентативност биле полот, возраста, етничката припадност и изборна единица. Од вкупниот број испитаници, 49,7 отсто биле жени и 50,3 отсто мажи. Во однос на етничката застапеност 70 отсто биле Македонци, 24,9 отсто Албанци и 5,1 отсто припадници на другите етнички групи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top