Редакцискиот колегиум на „Република“ реши да не го објавува видео-материјалот од саботната средба во Скопје Сити Мол помеѓу Бранко Црвенковски, и кандидатот за градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски, која што вчера ја потврди лидерот на СДСМ.
Причина за ваквата одлука се можните правни последици од објавување на видео кое е снимено тајно. Правните застапници на „Република“ советуваа дека постои можност за кривична одговорност поради објавување на снимки кои се направени спротивно на законите.
Според член 152 од Кривичниот закон на Република Македонија: тој којшто неовластено ќе направи фотографски, филмски или видео снимки на друго лице или на неговите лични простории без негова согласност, повредувајќи ја неговата приватност или тој којшто таквите снимки непосредно ги пренесува на трето лице или му ги покажува или на друг начин му овозможува со нив да се запознае, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.
Поради тоа видеото денес нема да биде објавено. Објавените фотографии во овој напис се извадени од крајот на видеото, снимки кои се направени на јавно место. Стевче Јакимовски го напушта трговскиот центар Сити Мол, а неколку секунди подоцна од трговскиот излегува и Драгиша Милетиќ, лидерот на Српската напредна странка, кој му го „позајми“ партискиот печат на Јакимовски за да се кандидира за градоначалник, спротивно на одлуката на неговата сега веќе екс матична партија, СДСМ.
Утринава „Република“ објави дека видеото кое е доставено од анонимен автор ќе биде објавено во текот на денот по консултација со правни стручњаци, кои треба да објаснат дали објавувањето на ваков материјал не е кривично дело.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.