Кошаркарското дерби меѓу Работнички и МЗТ што требаше да се игра утре, петок, ќе се одложи во вторник на барање на Министерството за внатрешни работи.
Поради зголемените активности на полицијата во пресрет на претседателските и парламентарните избори, МВР побара од Македонската кошаркарска федерација да се одложи целото шесто коло и да се презакаже во термин по изборите.
Барањето беше разгледано на здружението на прволигашите, како и од раководството на МКФ, и било решено барањето да биде прифатено.
Комисијата за натпреварување при КФМ излезе со соопштение:
– Во врска со барањето на МВР, заради зголемениот обем на активностите на припадниците на Министерството, а согласно член 12 од Пропозициите за натпреварување, шестото коло од кошаркарската Суперлига се одложува. Новите термини за одигрување на натпреварите се вторник и среда – се вели во дописот до јавноста.
Дербито е одложено за вторник, каде сите љубители на кошарката ќе имаат можност да проследат една убава кошаркарска претстава без никакви инциденти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


