Синоќа истече рокот за пројавување интерес за купување на речиси три четвртини од сопственичкиот удел во „Телеком Словеније“.
Словенија продава пакет од 4,75 милиони акции или 72,75 отсто од вкупниот број хартии од вредност на словенечкиот национален телекомуникациски оператор, кој е во сопственост на државата преку инвестицискиот фонд КАД и осигурителните друштво „Триглав“ и „Сава“. „Телеком Словеније“ е и компанија-мајка на македонскиот телекомуникациски оператор „Оне“.
Како, можни идни сопственици на „Телеком Словеније“, во изминатиот период се споменуваа германски „Дојче телеком“, норвешката компанија „Теленор“ и инвестициските фондови „Цинвен“ и „Провиденс“.
„Дојче телеком“ по втор пат се обидува да влезе во словенечкиот Телеком. Првиот обид беше во 2008 година преку својата подружница „Маѓар телеком“, но тогаш словенечката Влада се откажа од продажбата поради ниските пристигнати понуди.
Норвешката телекомуникациска компанија „Теленор“ е една од најголемите светски мобилни телекомуникациски компании со операции во Скандинавија, Источна Европа и Азија.
Фондот „Цинвен“ е водечка европска фирма со приватен капитал со канцеларии во Лондон, Париз, Франкфурт, Милано, Луксембург Гернзи и во Хонг Конг.
Инвестицискиот фонд „Провиденс“ е американска глобална инвестициска компанија со приватен капитал фокусирана на медиумите, комуникациите, образованието и инвестиции во информациите.
Се проценува дека „Телеком Словеније“ монетално вреди меѓу 950 милиони и 1,2 милијарди евра.
Судбината на македонскиот телекомуникациски оператор „Оне“ ќе зависи од словенечкиот избор на идниот сопственик на тамошниот оператор. Доколку изборот падне на „Дојче Телеком“ кој е најголем акционер во „Македонски Телеком“, според македонските закони, германскиот телекомуникациски оператор ќе треба да се одлучи кој од двата македонски оператора ќе го продаде.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



