За следните 4 години ВМРО- ДПМНЕ нуди програма со 2046 проекти, од коишто најголемиот дел се изработени со поддршка и во комуникација со граѓаните на Република Македонија, почитувајќи ги притоа нивните интереси, предлози, сугестии и забелешки, истакна Спиро Ристовски на денешната прес-конференција.
Следува интегрален текст од прес-конференцијата на Спиро Ристовски од ВМРО-ДПМНЕ
Јас во оваа прилика, во името на мојата матична партија би сакал да се заблагодарам на сите оние коиштo предложиле некој проект, или пак, учествувале во надополнување на некој од постојните, затоа што со нивна помош направивме програма со којашто ќе продолжиме да градиме економски стабилна Македонија, ќе продолжиме да го подобруваме економско- социјалниот статус и стандард на граѓаните и ќе продолжиме да ја градиме Македонија како земја базирана на знаење, наука, информатички технологии и иновации.
Македонскиот образовен систем во следниот период ќе се надградува и унапредува со најмалку 47 образовни и научни проекти. На денешната прес конференција ќе се осврнам на уште неколку од нив, суштински позначајни и поприоритетни во новиот мандат.
Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ планира да го отвори првото Меѓународно основно училиште во Република Македонија, коешто преку специјализирани наставни планови и програми на англиски јазик, како и соодветно обучен наставен кадар, ќе им овозможи на учениците брзо и ефективно изучување на овој светски јазик. За оваа намена ќе бидат инвестирани 100 милиони денари.
Дополнително, во делот на основното образование предвидено е продолжување и проширување на меѓународната ИБ Програма која се изучува во 145 земји во светот во повеќе од 3.500 училишта и преку којашто се менува пристапот на наставниците, односно, нема класично предавање на табла, учениците се активни и повеќе акцент се става на практичната настава. Оваа меѓународна програма кај нас е воведена во одделенска настава од прво до петто одделение во две училишта, додека од следната учебна година ќе се воведе и предметна настава од шесто до деветто одделение, а како што и напоменав, ќе ја разгледаме можноста за проширување на ИБ Програмата и во други училишта низ Македонија, во општини кадешто има можности за воведување. Учењето по ИБ и понатаму ќе биде бесплатно, за разлика од многу други земји кадешто истото ги чини родителите многу пари.
Како еден вид стимулација за најдобрите ученици од основните и средните училишта во областа математика и природните науки, кои учествувале на меѓународен натпревар и се меѓу првите 75% од натпреварувачите, предвидени се награди, за што ќе се обезбеди буџет од 2,4 милиони денари.
Исто така, посебен акцент ќе биде ставен и на идентификацијата на талентираните ученици, нивна стимулација и континуирана работа со истите, преку креирање на посебни образовни политики од страна на стручни лица од различни области, вклучително и психолошко-педагошките служби во самите училишта.
Во однос на средното стручно образование коешто ќе биде фокусот на политиките за модернизација и зголемување на атрактивноста, ќе се реализира и проектот „Реални училишни компании“ кој предвидува отворање на компании во самите училишта, сродни на застапените струки, наменети првенствено за практична настава на учениците, но и за комерцијализација на производите и услугите. Училишните сервиси ќе го развиваат претприемничкиот дух на учениците, преку нивно директно учество во креирањето и организирањето на активностите.
За развој на натпреварувачкиот дух кај учениците, детекција на најталентираните во секоја област, како и зголемување на атрактивноста на средните стручни училишта, проектот “Лидер“ предвидува воведување натпревари на локално и државно ниво помеѓу ученици од сродни образовни профили во средните стручни училишта, со што би се избирале ученици – лидери во секоја струка, кои ќе бидат и соодветно наградувани.
Во делот на образованието за возрасни, посебно важно е основањето на Академијата за техничко образование, која ќе има за цел да овозможи кратки специјализирани обуки согласно последните стандарди, за вработени во компаниите од техничкиот сектор со понизок степен на образование. Целта е да се излезе во пресрет на барањата на домашните и странски инвеститори за ваков вид на работници, согласно нивните производствени капацитети и потреби.
За жените над 30 години и мажите над 35 години коишто во минатото поради било какви причини не успеале да го формализираат високото образование, ќе им биде понудена можноста под одредени финансиски и други поволности да се запишат на некој од државните универзитети. Охрабрувачки е податокот што досега преку овој проект ( 35/45) којшто се однесуваше за жените над 35 и мажите над 45 години, на високо образовните установи се запишаа 1200 лица. Во новата програма, предвидено е намалување на старосната граница, што значи, можноста се ќе нуди на нови потенцијални заинтересирани лица.
Како алатка за поврзување на основците и средношколците со студентите, ќе биде основан и таканаречениот “Интерактивен портал за тутори”. Тој предвидува поттикнување на социјалната одговорност на студентите и овозможување на пристап до бесплатни дополнителни часови за учениците, што на крајот би резултирало со поголемо ниво на знаење на истите. Студентите тутори за вложениот труд и ангажман, ќе добиваат дополнителни 10 поени при аплицирањето за студентските стипендии.
Новата програма на ВМРО-ДПМНЕ е навистина обемна по содржина, со детално наведени начини, рокови и финансиски конструкции за реализација на секој предложен проект. И таа не е направена формално, затоа што сме морале да излеземе пред граѓаните со некој документ, со брошура во која би ветувале сé и сешто само за да ја освоиме нивната доверба. Оваа програма е реална, остварлива и мерлива. А проектите докажано се остваруваат. Затоа, апелирам до граѓаните внимателно да ја прочитаат и да не дозволат некој да ги манипулира, ветувајќи работи за кои нема концепт за реализација, затоа што ни самиот нема верба во понуденото и не знае како да го спроведе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.