| четврток, 6 декември 2018 |

Карлос Слим го зголеми уделот во Телеком Австрија

karlos-slim2

По 11-часовни преговори, светскиот милијардер Карлос Слим постигна договор со Владата на Австрија, кој што му овозможува контрола врз Телеком Австрија, пренесува Ројтерс.

Со овој договор Слим го проширува својот бизнис надвор од границите на Америка и создава своевидна база во Европа. „Америка Мовил“, телекомуникацискиот гигант на Слим, кој во Латинска Америка се соочува со зајакната регулација и конкуренција, веќе подолго време е во потрага по начин за влез на европскиот пазар.

Компанијата на светскиот милијардер, според договореното, со една милијарда евра ќе го докапитализира Телеком Австрија, со што ќе се изедначи со уделот на австрискиот државен холдинг ОИАГ.

Шефот на ОИАГ, Рудолф Крамер, рекол дека договорот предвидува вето на австрискиот холдинг, кој ќе задржи половина од клучната положба во телекомуникацискиот гигант и смета на огромен раст во централна и источна Европа. Сега „Америка Мовил“ и ОИАГ ќе имаат по 28,4 отсто од Телеком Австрија, а за сите значајни одлуки, двата парнери мораат да одлучуваат едногласно.

На почетокот на оваа година, „Америка Мовил“  презеде една четвртина од уделот на австрискиот телекомуникациски монопол, што ја отвори вратата за преземање.

„Америка Мовил“, по потпишување на договорот, објави дека стекнала оперативна одговорност во Телеком Австрија, кој веќе има свои активности во својата матична земја, како и во Белорусија, Бугарија, Хрватска, Србија, Македонија, Лихтенштајн и Словенија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top