Уметничкиот директор на битолскиот театар, Благој Мицевски, изјави дека благодарение на одличната соработка со уметничката директорка на „Танц-фест“, Рисима Рисимкин, публиката во Битола ќе може да ги погледне претставите на Скопје танцов театар и балетот од Приштина.
– Април е месецот на танцот, а ние со задоволство на битолската публика сакавме да ѝ понудиме и танц низ две прекрасни претстави. Јубилејното, десетто издание на фестивалот „Танц-фест“ продолжува со две претстави кои ќе бидат изведени на сцената на НУ Народен театар – Битола. Утревечер ќе биде изведена претставата „Импулс“ во продукција на Скопје танцов театар, со која беше отворен годинешниот јубилеен „Танц-фест“, а на 24 април на нашата сцена ќе гостува националниот балет од Косово, со претставата „Градина на душите“ – истакна Мицевски.
Во претставата „Импулс“ играат Андријана Атанасова, Љупчо Атанасов, Матеа Киселичка, Татијана Адам, Валентино Апостоловски и Андријана Данчевска, а претставува презентација на буто-работилницата која кореографот Кацура Кан од Јапонија ја одржал со студентите од Танцовата академија во Скопје.
– Во еден сегмент од оваа претстава своја кореографија има и нашиот сограѓанин Валентино Апостоловски, кој воедно е добитник на награда за најдобра кореографија на интернационалниот натпревар за танчари и кореографи што се одржа во рамките на фестивалот. Но, исто така, со задоволтво може да се соопшти дека во премиерната претстава „Градина на душите“ од Приштина, освен Рисима Рисимнкин, свој директен придонес имаше и Валентин Светозарев – потврди Мицевски.
Јубилејното изадние на „Танц-фест“ годинава се одржува под мотото „Вкусот на танцот“, а ќе заврши в петок, на 25 април, со настап на Интроденс од Холандија, кои на големата сцена во МНТ во Скопје ќе ја изведат претставата „Суперстарс“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.