Новите автобуски постојки, иако сѐ уште се поставуваат низ главниот град, веќе станаа мета на хулиганите. На автобуската станица во Автокоманда кај хотелот „Континентал” завчера можеше да се видат насекаде разлетани парчиња стакло од демолираната постројка. Вандали успеале да го искршат средишното стакло на постојката, иако станува збор за специјално направено подебело стакло, кое, сепак, не го издржало ударот на хулиганите, кои за да го скршат, најверојатно, искористиле некој тврд предмет. Застаклените автобуски постојки почнаа да се поставуваат од лани, а досега се поставени 210 од вкупно 226 постојки. Во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) се информирани за искршената постојка кај „Континентал”. Од претпријатието претпоставуваат дека искршеното стакло било мета на вандали, но немаат информации кој стои зад овој чин.
– Што се однесува до кршењето и оштетувањето на настрешниците и стаклата на истите, за среќа, нема многу такви случаи, досега се само неколку, но кога станува збор за уништување на т.н постери со информации за возните редови, редовно се мета на оштетување и отстранување од информативните табли – велат од ЈСП.
Стаклата на настрешниците се термички стакла, односно термички се обработени, со дебелина од 10 мм и се така изработени да не се лесно кршливи, освен со удирање со тврди предмети.
Од ЈСП апелираат до сите граѓани кои го користат јавниот превоз, а посебно до вандалите да не се уништуваат новите настрешници, да не се уништуваат ниту постерите со возни редови, бидејќи од тука може да добијат информации за возниот ред на автобусите, да ја видат мрежата на линии, со што може да си го планираат рационално своето време на патување со автобус.
– Оштетувањето нема да го забави поставувањето на новите постојки, но, секако, дека ќе претставува дополнителен трошок на претпријатието – велат од таму.
Постојките се убави и прикладни и досега имаше позитивна реакција од граѓаните, но ќе биде џабе ако се продолжи со хулиганското однесување. ЈСП има направено програма според која е планирано постојките да се обновуваат два пати годишно, но со динамиката на уништување не се знае дали тоа ќе биде доволно.
Од ЈСП информираа дека досега се поставени камери и снимачи во 50 автобуси, а во наредната фаза ќе бидат опфатени уште 100 автобуси.
– Досега за период од околу еден месец имаме регистрирано неколку инциденти, напад на контролор и неколку кражби. Четворица крадци се фатени од полицијата со користење на камерите и снимачите – велат од таму.
Секој патник кој ќе биде ограбен во автобус случајот треба да го пријави во полицијата, од каде што доаѓаат во ЈСП, ги прегледуваат снимачите на камерите и се наоѓа крадецот. Во двокатните автобуси кои имаат камери се вградуваат само снимачи, додека во едноподните и камери и снимачи.
Извор: Вечер
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.