| четврток, 6 декември 2018 |

Започна конзервацијата на фрескоживописот на црквата Вознесение Христово, Св. Спас во штипско Ново Село

Стручните екипи од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Штип ги започнаа активностите за конзервација на фрескоживописот во црквата Вознесение Христово, Св. Спас во штипско Ново Село, проект предвиден во програмата за заштита на културното наследство на Министерството за култура.

novo selo 1

По извршените сеопфатни анализи на овој значаен сакрален споменик на културата, конзервацијата, која ќе се одвива во неколку фази, ќе го опфати живописот кој датира од периодот на градењето на црквата во 1388 година и врз кој подоцна,  во 1601 година, е насликан нов фрескоживопис од зографот Јован. Ќе се изврши консолидација на оштетените делови, како и отстранување на причинителите на сегашните и на идните оштетувања на обоениот слој на ѕидното сликарство.

Во изминатиот период, поради присутната влага на ѕидното сликарство на оваа значајна црква, констатирани се сериозни оштетувања, кои ќе се надминат со изведбата на предвидените конзерваторско-реставраторски работи.

Црквата Вознесение Христово, Св. Спас е изградена од страна на војводата Димитрие како еднокорабна базилика со впечатливо обликувана надворешност.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top