Македонските вина деновите ќе бидат презентирани на две различни манифестации во Чешка – на меѓународниот саем за вино и на саемот за гастрономија. Претставувањето го организира здружението „Вина од Македонија” со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и македонската Амбасада во Прага.
Во рамки на 12-тиот Меѓународен саем за вино (ИВСП) во престижниот хотел „Хилтон“ денеска се одржуваат две дегустации на 7 бели и седум црвени македонски вина, водени од заменик-претседателот на Здружението на сомелиери на Чешката Република Иво Дворжак.
Годинава специјалитет е „Мастерклас Тејстинг на македонските вина“, стои во соопштението за медиумите од раководството на Саемот.
На презентацијата наменета за професионалци кои увезуваат, тргуваат и дистрибуираат вина и пијалаци, учествуваат винарските визби Тиквеш, Сковин, Стоби, Далвин, Камник, Бовин и Попов.
– Со учеството на настаните последните две години, целта ни е да се гради препознатливоста на македонското вино во Чешка, поголем пласман на нашето брендирано, флаширано вино на тој пазар и градење на брендот на македонско вино, изјави координаторката на здружението „Вина од Македонија” Елена Милошевска.
Според неа, вкупните резултати за извоз покажуваат дека на пазарот во Чешка интересот за флаширано македонско вино постојано се зголемува.
ИВСП е најголема специјализирана манифестација од овој тип која се организира два пати годишно, на пролет и наесен и на која учествуваат над 120 странски излагачи годишно, кои се претставуваат пред бизнис партнери од Чешка и од Словачка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.