Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски денеска оствари средба со стопанственици од Маврово и Ростуше на која разговараше за
условите за водење бизнис и за можностите за подобрување на бизнис климата.
Стопанствениците изразија задоволство од досегашната соработка со Владата и локалната самоуправа и ги поздравија мерките и чекорите што во оваа насока се преземени во изминатиот период.
– Денешната средба претставува мал дел од севкупните активности кои Владата ги спроведува за одржување непречена комуникација и континуиран дијалог со бизнис заедницата. Владата е особено фокусирана на олеснување на условите за делување на стопанствениците. Директните средби од овој тип се особено важни за нас, со цел да ги слушнеме нивните сугестии и предлози, но во исто време и имаат за цел да им овозможат на претставниците на компаниите директно и детално да се запознаат со плановите и стратегиите на Владата поврзани за унапредување на бизнис климата – изјави Пешевски.
Тој додаде дека стопанствениците се заинтересирани да продолжат политиките за развој на приватниот сектор.
– Тоа секако ја вклучува и досегашната поволна даночна политика на државата која овозможува реализација на развојните планови и инвестиции од страна на компаниите.Нивните сугестии директно влијаат во креирањето на економските политики во земјава – рече Пешевски.
На средбата вицепремиерот Пешевски се запозна со предизвиците со кои се соочуваат компаниите од овој регион, како и со сугестиите за нивно надминување. Притоа, им ги посочи и можностите што ги нуди Владата преку програмата за покривање на трошоците за ангажирање менаџери со специфични знаења.
– Ова претставува дополнителен стимул за унапредување на веќе постоечките компании, што е од особена важност за нас како Влада, земајќи предвид дека повеќето од стопанствениците кои беа присутни денес на средбата се повратници од странство, кои имаат желба и понатаму да инвестираат во сопствената земја. Наша должност е да им го олесниме тој процес – нагласи Пешевски.
Денешната средба е дел од активностите што Владата ги спроведува за одржување непречена комуникација со бизнис заедницата. На неа присуствуваше и градоначалникот Мукрем Мехмеди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.