Центарот на Индијана пејсерс, Рој Хиберт е избран за втор најдобар дефанзивец во НБА лигата зад Жоаким Ноа од Чикаго булс, а разликата е убедлива. Ноа доби 100 први места од вкупно 125 претставници на медиумите и со вкупно 555 гласа го заслужи признанието.
Хиберт доби 166 поени, а интересно е што центарот на Индијана во првата рунда од плејофот за директен противник го има македонскиот репрезентативец Перо Антиќ од Атланта хоукс. И тешко му оди во битката со шестката на „јастребите“, па дури и си призна по првиот дуел и пораз со 93-101 дека не се снаоќа најдобро во одбраната.
„Јас одиграв скромно и бев една од најслабите алки во одбраната“, изјави Хиберт по првиот меч во кој Атланта направи брејк на гостински терен. Антиќ и буквално ужива во натпреварите со Пејсерс и има учинок три од три победи.
Во регуларниот дел умешно ја развлекуваше одбраната на Индијана и погодуваше во серија постигнувајќи 17 поени во просек. На првиот дуел со низа од 8 поени, придонесе за брз нокаут на Пејсерс, екипа што не успеа да се врати по стартната предност на Хоукс од 10-0.
И вториот дуел против Хиберт и Индијана му донесе блескави моменти на Антиќ. Во почетната серија на Атланта од 12-1, Перо даде 5 поени и повторно неговиот тим победи. На тој меч македонскиот репрезентативец го забележа личниот рекорд во НБА лигата од 18 поени. Американските медиуми со многу комплименти ја анализираа играта на крилниот центар од Македонија.
„Антиќ на мошне мудар начин ја развлекуваше одбраната на Индијана. Знае да одигра под кошот и да се извлече за прецизен удар за три поени. Хиберт не се снајде против него и затоа одигра само 8 минути“, пишуваа медиумите што ја следат НБА лигата.
И во третиот дуел Антиќ го сопре Хиберт на скромни 8 поени, колку што и самиот постигна за значаен триумф на Хоукс и предност од 1-0. Од вториот најдобар дефанзивец во НБА, Пејсерс очекуваат многу повеќе, особено во дуелите со играч што е прва сезона во најсилната кошаркарска лига, но Перо има рецепт за да се надигрува со Рој.
Интересно е што Атланта ги загуби двата меча против Индијана сезонава, кога Антиќ беше повреден и не настапи. Засега билансот на Хоукс против Пејсерс е 3-2, или поточно со Антиќ во составот води 3-0, без него е во негатива од 0-2.
Ноќеска се игра шестиот меѓусебен меч меѓу големите ривали од Источната конференција, втор од првата рунда во плејфот, а победа за Хоукс би значела речиси сигурна елиминација на фаворитот. Индијана го почна доигрувањето за титулата од првата позиција на Истокот, а „јастребите“ беа осмопласирани по регуларниот дел од сезоната.
Лани истите ривали играа во плејофот и Индијана славеше со 4-2 со што ги елиминираа Хоукс.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Хаос во НБА: Се степаа ѕвездите на Лејкерси и Хјустон! (Видео)
-
Твитер скандал на Трамп: Не е лесно да направите Леброн Џејмс да изгледа паметно
-
Животната приказна на нашиот центар: Антиќ во центарот на вниманието на Евролигата (видео)
-
Забивањето на Антиќ прогласено за потег на колото во АБА лигата (видео)


