| четврток, 6 декември 2018 |

Медведев: Русија не само што ќе се справи со санкциите, туку и ќе заработи од тоа

Dmitry Medvedev

Русија е во состојба не само да се справи со санкциите на Западот, туку и да спечали од тоа, изјави денеска рускиот премиер Дмитриј Медведев.

Како што јави ИТАР-ТАСС, при поднесувањето на годишниот отчет за работата на Владата во рускиот Парламент, Медведев нагласи дека владиниот кабинет нема да дозволи Русите да „станат заложници на политички игри, заради ситуацијата со присоединувањето на Крим“.

Медведев западните санкции ги оцени како „примитивен пат“, што не води никаде, дополнувајќи дека Москва ќе умее да ги сведе на минимум нивните последици и дека Владата е подготвена како свој приоритет да ја постави заштитата на економијата и на граѓаните од „непријателски активности кои може да следат поради заострената надворешно-политичка ситуација“.

– Русија за првпат се покажа како објект под троен притисок – рече Дмитриј Медведев, прециизрајќи дека од една страна станува збор за нестабилната светска економија, од друга за „непријателската“ политика на повеќе водечки земји и од трета за структурните ограничувања на руската економија.

Русија ќе ги засили своите позиции на светскиот пазар на оружје и нејзината одбранбена способност нема да ослабне заради дејствијата на Западот, истакна рускиот премиер.

Тој потенцира дека Русија го зазема второто место, по САД, според обемот на извоз на оружје на светскиот пазар.

– Засилувањето на овие позиции ќе биде постигнато преку воспоставување потесни врски со традиционалните партнери на Москва, од кои најголеми се Кина и Индија – рече Медведев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top