| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Да извојуваме двојна победа и да ги реализираме 2.046 проекти

gruevski-centar

Ве повикувам масовно да излезете на гласање на 27 април заради себе бидејќи во програмата „Проверено“ на ВМРО-ДПМНЕ ќе најдете многу проекти што ќе им помогнат на сите. Ве повикувам на 27 да издвојуваме двојна победа, а потоа да преминеме на реализација на 2.046-те проекти предвидени во програмата, им порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на граѓаните на скопски Центар на вечерашниот митинг на коалицијата „За подобра Македонија“.

Тој посочи дека на 13 април народот масовно излезе на избори и даде јасна и недвосмислена поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и на нивниот кандидат за претседател Ѓорге Иванов.

– Таа силна поддршка беше преточена во над 450 илјади гласови или во 123 илјади гласови разлика. Тоа е силна поддршка и огромна разлика, рече Груевски.

Нагласи дека зачудувачко било тоа што веднаш потоа нивниот политички конкурент СДСМ излегол со теза дека изборите не биле регуларни и оти имало системски нерегуларности. Единствена потврда за тоа, додаде, им било тоа што биле добро пречекувани од луѓето за време на нивните средби.

– Веднаш утредента го сменија мислењето и рекоа дека народот што гласал за коалицијата „За подобра Македонија“ бил со пониска интелегенција за веднаш потоа да влезат во негативна кампања со искривување на вистината и манипулации и да покажат дека незнаат каде одат, рече Груевски.

Јас, потенцирам знам каде одат и по 27 април каде ќе стигнат.

– Прво повторно ќе кажат дека имало системски недоследности и оти изборите не биле регуларни. Потоа ќе се потепаат меѓу нив и не ќе се знае на која страна ќе летаат пердуви, рече Груевски.

Потценувањето на граѓаните од СДСМ и Заев, како што потенцира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе значи дека на 27 април коалицијата „За подобра Македонија“ ќе добие над 500 илјади гласови и над 62 пратеника.

– Остануваат уште шест дена во кои што се нема да се наслушаме од СДСМ. Ќе ги истрпиме, а од недела натаму освен изјавата што ќе ја дадат дека изборите биле нерегуларни, нигде ќе ги нема. Заев ќе отиде кај корнишоните во Струмица, Шекеринска ќе се обиде да остане во новото раководство, а Бранко Црвенковски ќе мисли кое е новото дете, потенцира Груевски.

Потсети дека од СДСМ велат дека единствено кога тие биле на власт имало слобода на медиумите, а како што рече, забораваат да кажат дека во нивно време во Македонија имало само два весника Нова Македонија и Вечер и само неколку телевизии.

Истакна дека граѓаните ќе го дадат гласот за ВМРО-ДПМНЕ  и коалицијата За подобра Македонија на претстојните избори бидејќи се сигурни дека 2.046 проекти во предизборната програма со сигурност ќе се реализираат. Проектите, потенцира се за сите граѓани во Македонија без разлика на нивната етничка и верска припадност и без разлика за кого го дале нивниот глас.

– Исклучително е важно оние граѓани кои од различни причини апстинирале во првиот круг да гласаат на 27 за проектите за сите граѓани и да не го даваат својот глас за малите политички партии кои можат да освојат едно до две пратенички места. Дали програмата ќе се реализира ќе зависи од таа мала критична маса која ни недостасува за да освоиме 62 пратеника. Тие гласачи треба да ја прочитаат програмата и сигурен сум дека ќе кажат дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Од нив единствено бараме да ја прочитаат програмата и потоа да решат за кого ќе гласаат, порача Груевски.

Гаранција за реализацијата на програмата, како што посочи, е посветеноста, одговорноста, коректноста и држењето до дадениот збор на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

– Не велиме дека сме безгрешни, но она што сме го ветиле сме го оствариле. Сме оствариле дури и она што не сме го ветиле во нашите претходни програми, но не бегаме и од работите кои сме ги ветиле, а не сме успеале да ги реализираме, иако има малку такви, потенцира Груевски.

Нагласи дека не е случајно што ВМРО-ДПМНЕ ги добива седумте изборни циклуси и посочи дека ќе ги добие и осмото и деветото изјаснување на граѓаните.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потсети дека во изминатите 7,5 години откако се на власт, пет ипол години се соочуваат со светска економска криза или европска должничка криза и оти и во овој тежок период успеале да отворат 120 илјади нови работни места и да ја намалат невработеноста од наследените 38 во 2006 година на околу 28 проценти.

Во последните години, како што кажа, Македонија стана една од земјите со најдобра бизнис клима и во рангирањето на Светска банка од 94 место дојде на 25 место кое е многу подобро од земјите од ЕУ.

– Трендот на намалување на невработенсота продолжува. Само во последните три недели пет до шест познати светски компании објавија на своите веб страници дека доаѓаат во Македонија и дека ќе отворат илјадници нови работни места. Во најава за доаѓање во земјава се и поголем број компании со кои сме во завршна фаза на разговори. На отворањето на нови работни места го посветивме најголемиот дел од нашата работа, а така ќе биде и во иднина, истакна Груевски.

Потсети дека во изминатиот период ВМРО-ДПМНЕ ја зголеми просечната пензија за 64 проценти, а најниската за 74 отсто, зголемена е социјалната помош и платите, овозможен е бесплатен јавен превоз и банско лекување за пензионерите….

– СДСМ во нивната програма, ако може да се каже дека е програма, смислиле во два три парка да им овозможат на пензионерите да играат шах. Тоа не се прави во програма, туку му се вели на министерот и веднаш се решава. Ние не зборуваме за такви работи, туку за зголемување за пензии и многу други поволности за пензионерите, посочи Груевски.

Истакна дека во наредниот период се предвидуваат и многу поволности за младите луѓе како што е ослободувањето од плаќање придонеси за работодавачите кои ќе вработат лица до 29 години, кредит од 7 илјади евра за самоврабтување лица до 29 години, а доколку вработат уште четири лица вкупно кредитот да изнесува 23 илјади евра со грејс период и рок на враќање од 66 години. Овозможување секој четврток бесплатен превоз за студентите до 27 години, бесплатни билети за кино и театар,бесплатни карти за воз еднаш неделно за студентите и пензионерите, бесплатни викенди за пензионерите…

Потсети дека партиципацијата за запишување на студентите изнесува 200 евра, а 100 евра на дисперзираните студии и додаде дека се предвидува државна квота за бесплатни магистерски и докторски студии за талентираните студенти, како и повеќе стипендии за средношколците и стимулации за учениците од Македонија кои ќе учествуваат на меѓународни натпревари по природни науки и математика бидејќи како што рече, странските инвеститори најмногу се заинтересирани за вработување на лица со такви способности. Истакна дека македонските граѓани можат да се лекуваат во странство со максимум 200 евра партиципација и додаде дека се предвидува намалување на ДДВ за училишна и бебешка опрема.

Потсети дека се вложени 100 милиони евра за набавка на опрема за болниците и 100 милиони евра за реконструкција и градба на нови болници, а посочи дека во следните три до четири години се предвидува да се вложат и 70 милиони евра за целосна реконструкција на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

– Во изминатите направивме многу за Скопје и општина Центар. Ја направивме жичницата кон Водно, ја реновиравме националната арена Филип Втори Македонски, набавивме нови автобуси за ЈСП Скопје со кои целосно е сменета сликата за јавниот превоз во градот, ги реновиравме основните училишта „Јохан Хајнрик Песталоци“, „Свети Кирил и Методиј“, „Димитар Миладинов“, „Кочо Рацин“, „11 Октомври“ како и детските градинки „Кочо Рацин“ и „Раде Јовчевски Корчагин“, рече Груевски.

Ја изградивме, додаде, новата зграда на МНТ, фонтаната на победата на Плоштадот „Македонија“, четири и полоштадот „Филип Втори Македонски“, три фонтани пред цврквата „Пресвета Богородица“, Музејот на македонската борба, Археолошкиот музеј, Државниот архив, Уставен суд, новиот објект на МНР…

– Не ја барам вашата доверба врз основа на минатиот труд кој е единствено гаранција за новата понуда. Во нашата програма со 2046 проекти нудиме многу нови работи, отворање 64 илјади нови работни места и не само тоа, туку гарантираме дека ќе се отворат најмалку 30 нови фабрики со 10 илјади работни места. Покрај тоа ќе му помогнеме на приватниот сектор на Македонија со новата кредитна линија од 100 милиони евра за да можат да  остварат профит и на тој начин да отвораат нови работни места, потенцира Груевски.

Најави дека  во Центар се  планира изградба на втората фаза од Жичницата на потегот од црквата „Свети Јован“ до Средно Водно и изградба на конгресен центар на местото на Универзална сала во кој, како што кажа, ќе биде сместена Универзалната сала со 3000 места наместо 1500 како досега, како и три други помали сали со сите придружни објекти за одржување на конгреси и конференции.

Потсети дека ќе биде завршена и зградата на Македонската филхармонија, ќе биде изведена секундарната гасификација во градот, ќе заврши изградбата на петте веќе почнати катни гаражи и ќе започне изградба на две нови катни гаражи со што ќе се отворат вкупно 2000 нови паркинг места. Се планира и изградба на нова зграда на Факултетот за информатички науки и комуникации технологии-ФИНКИ и на Факултетот за физичка култура, голема сала во комплексот факултети, дневен центар за деца со даунов синдром, спортски сали во Домот за деца „11 Октомври“ и ОУ „Кочо Рацин“ и „Свети Кирил и Методиј“…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top