| четврток, 6 декември 2018 |

Саудиска Арабија ќе ја гради највисоката кула на светот

кула

Дубаи, која долги години е светски рекордер според најголемите, најдолгите и најскапите работи, наскоро ќе добие конкуренција во соседната Саудиска Арабија.

Познатата кула Бурџ Калифа во Дубаи наскоро би можела да остане без титулата највисока градба во светот според Гинисовата книга на рекордите, доколку Саудиска Арабија го реализира планот за градењето на уште поголем облакодер кој би требало да го носи називот Кула на кралството во Џеда. А тоа, како што пренесува американската телевизиска мрежа CNN повикувајќи се на списанието Construction Weekly, е многу извесно, бидејќи работите на кулата започнуваа следната седмица.

Овој облакодер во Џеда би требало да биде висок илјада метри, додека Бурџ Калифа е висока 827 метри. Градењето би требало да чини 1,23 милијарди американски долари. Според најавите во нејзиното градење ќе бидат потрошени милион кубни метри бетон и околу 80 илјади тони челик.

Кога ќе биде завршена, зградата ќе има вкупна површина од повеќе од 500 илјади квадратни метри и 200 ката. Ќе има и 59 лифтови, од кои пет ќе бидат двојни. Оние лифтови коишто ќе бидат наменети за посетителите коишто ќе сакаат да „фрлат” поглед од видиковецот ќе се движат со брзина од 10 метри во секунда.

„Кулата на кралството” ќе биде всушност централниот дел од Кралскиот град кој би требало да чини околу 15 милијарди евра, непосредно северно од Џеда во насока кон Црвеното Море.

Новата населба/град ќе опфаќа површина од неколку милиони квадратни метри урбан простор, вклучително станбени и комерцијални недвижности, хотели, канцеларии, продавници, образовни и трговски центри.

– Визијата за изградбата на највисоката кула на светот во Џеда потекнува од неговото величество принцот Ал Валид бин Талал- изјавил Валид Абдул Џалил Батерџи, извршен директор на компанијата „Jeddah Economic Company”.

– Неговата идеја , исто така, е дека самиот проект ќе му донесе светска слава на нашето сакано Кралство Саудиска Арабија и особено на Џеда. Проектот, истовремено, ќе помогне да се создадат стотици работни места за напите саудиски сограѓани – додал Батерџи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top