Борис Камчев е новинар и публицист, кој пишува за повеќе домашни и странски медиуми. Последните години живее и патува на релација Скопје – Санкт Петербург – Вашингтон. Како речиси единствен македонски дописник од Русија, неговото творештво е посветено на теми поврзани со руската социјална и политичка стварност. Во моментов работи како постојан соработник во американската издавачка куќа ЛНГ „Паблишинг“. Камчев во интервју за „Република“ ги анализира украинската криза и причините што доведоа до неа, медиумските пропаганди на Русија и на Западот, начинот на кој рускиот и украинскиот народ ја доживуваат целата ситуација и дава свое мислење за тоа што може да очекуваме во иднина.
За настаните во Украина и за причините поради кои кулминираше украинската криза светот добива различни информации во зависност од која страна стигнуваат, од Исток или од Запад. Може ли да се каже кој е во право, а кој не во случајот?
Камчев: Европа и САД имаат своја верзија за причините зошто Русија интервенираше во Украина, по што кризата таму ескалираше и на меѓународно ниво. Официјална Москва, пак, има поинакво објаснување. За првите, Русија грубо се вмеша во внатрешните работи на една суверена земја и анектираше дел од нејзината територија нарушувајќи низа меѓународни договори.
Кремљ настапи од позиција дека револуцијата во Киев излезе од контрола, донесе нелегитимна националистичка и неонацистичка власт, која почна да го угнетува руското малцинство во земјата и затоа мораше воено да интервенира на Крим. Иако, можеби, делови од преодната влада во Киев, идеолошки, имаат темни дамки, приказната со загрозеното население, кое говори на руски јазик, беше далеку од реалноста. На оваа линија одеше и официјалната медиумска пропаганда во Русија, така што мнозинство Руси ги поддржаа воените дејства на претседателот Владимир Путин. Јас, како новинар, сум патувал многу низ Русија и Украина, и ги познавам овдешните состојби. Како и многу војни и кризи што досега се случиле во 20 век, и кризата во Украина и одговорот на Русија се поттикнати од лошата економска ситуација во двете земји.
Но, економската ситуација е лоша насекаде во Европа, а овде нема војни?
Камчев: Внимавајте, земјите како Грција, Словенија, Шпанија или, пак, Франција, немаат такво мрачно тоталитарно минато и не биле такви воени сили каков што беше Советскиот Сојуз, па кризите таму да се разгорат во револуции. Русија и Украина во моментов се ранети џинови. И кога џинот е ранет тој прави тектонски нарушувања околу себе. Народот во Украина се дигна на револуција поради бедата и екстремно корумпираната власт. Жеден за промени, европски вредности и конечно раскинување со лошите аспекти на советската традиција.
Економијата во Русија стагнираше уште пред почетокот на кризата. Поради низа проблеми, вклучително и невидената државна корупција, елитите на земјата решија да си поиграат со националните чувства на Русите (историско враќање на Крим во прегратките на татковината), со тоа го свртија вниманието од домашните пропусти и ја цементираа својата власт за уште многу години. Впрочем, по присоединувањето на Крим, рејтингот на Путин од 40 се вивна на 80 проценти. Вашето прашање беше кој е во право: Јас би рекол дека во овој случај, украинскиот народ, барајќи промени за подобро, е најмногу во право. Тој не им верува на елитите и затоа сѐ уште стои и ги брани барикадите на Мајдан и на околните централни киевски улици. Запад и Русија имаат свои интереси со посебни агенди за Украина и поради тоа нејзината иднина е многу неизвесна.
Колку пропагандната војна меѓу Русија и САД ја искривува вистинската слика за случувањата?
Камчев: Со конфронтацијата со ЕУ и со САД, очигледно е дека Русија сака да се наметне како главен играч на меѓународната сцена. Тоа е придружено со жестока пропаганда дома и во странство. Не е случајно што Москва истура милијарди долари за државни медиуми, кои ќе создаваат „исправна“ слика за Русија во светот. Така, на пример, за новата државна новинска агенција „Русија севодња“, заедно со „Росискаја газета“ и агенцијата ИТАР-ТАСС годишно ќе се трошат вкупно една милијарда долари федерални буџетски средства.
Ниту Запад не е имун на пропаганда и некои угледни редакции, како таа на „Си-Ен-Ен“ или на весникот „Гардијан“, кои тежнеат да се оцрни Русија и да се изложи „авторитарниот и воинствен“ режим на Путин. Мислам дека софистицираните пропагандни техники на Кремљ се ненадминати и со такви истренирани пропагатори како Дмитриј Кисељов, Русите, навистина, поверуваа дека ако Крим остане во Украина, со полуостровот ќе завладее фашистичка власт. Иако, како што реков, тоа беше само шпекулација.

Како го коментирате начинот на кој известуваат големите медиумски куќи во Русија и во западните земји?
Камчев: Ова прашање е суштинско, треба нашироко објаснување, а просторот не дозволува. Но ќе кажам нешто од аспект на покривањето на кризата од страна на македонските медиуми. Голем дел од нашите медиуми, вклучувајќи ги овде и порталите и некои „угледни“ дневни весници, во сензационалистички манир објавуваат вести непоткрепени со извори од прва рака. Многу македонски медиуми, обично, пренесуваат вести од некои интернет-портали и весници на англиски јазик, кои не се лоцирани во светските политички центри, а не ги консултираат главните руски независни медиуми како Ведомости или Комерсант, кои најреално ги отсликуваат состојбите, веројатно од непознавање руски јазик.Тие сосема ретко цитираат авторитетни западни медиумски куќи каде што вирее вистинскиот политички и истражувачки журнализам како „Вашингтон пост“ или „Њујорк тајмс“ бидејќи овие медиуми, во принцип, се дистанцираат од објавување сензационализам. Во споредба со тоа колку мудро, сериозно и резервирано (кој сака војни?) изгледа новинарството во сите наведени изданија, сензационалистичките наслови и текстови на некои наши портали и весници поврзани со кризата („Сега Путин ќе им покаже на Американците“ или „Русија ја престигна Америка!“) ми звучат како да најавуваат инвазија на вонземјани.
Како рускиот народ ја доживува кризата во Украина? Се чувствува ли тензија меѓу граѓаните и постои ли страв од војна?
Камчев: На обичниот руски народ не му е многу дојдено до кризата во Украина, сѐ додека тоа не се одрази по неговиот џеб, а економистите прогонизираат дека годинава руската економија ќе падне во рецесија. Во Украина патував непосредно за време на кризата (во Киев и на југ, во Бердјанск на Азовско Море). Со постојаните немири и насилни демонстрации во градовите како Харков или Донецк, граѓаните се, навистина, исплашени и владее воена психоза, едно лошо исчекување дека руската армија ќе нападне и ќе ги окупира. Таму бев при крај на февруари и меѓу народот постоеше чувство на мачнина и на воена психоза слично како на почетокот на 90-тите години на минатиот век, кога кај нас почнаа политичките немири со распадот на Југославија и граѓанската војна.
До каде е подготвена Москва да оди во заштита на руското малцинство во Украина, но и во другите земји во кои живеат Руси?
Камчев: За тоа се напишани интересни анализи. Казахстан и Белорусија имаат значајно руско малцинство. Во Казахстан Русите се повеќе од 20 проценти од вкупното население, во Белорусија тој број е многу помал. Затоа Назарбаев беше воздржан и не се искажа отворено за присоединувањето на Крим, за разлика од Лукашенко, кој ја поддржа интервенцијата. Бидејќи овие земји се сојузници на Русија и учествуваат во создавањето на Евроазиската унија на Путин, тие никогаш не би станале цел на Кремљ. Исто како што не би станале цел ниту балтичките земји како Летонија и Литванија, кои, исто така, имаат големо руско малцинство. Тие се членки на НАТО и Москва не може толку слободно да дејствува таму како што во моментов дејствува во Украина, каде што има свои агенти и широка шпионска мрежа. Впрочем, тоа би било повод за директен воен конфликт со НАТО, а, верувајте, покрај сите домашни економски проблеми и западните санкции врз некои банки и државни службеници, на Кремљ на крај памет не му е да отвори воен конфликт на своите западни граници.
Сметате ли дека светот е веќе влезен во нова Студена војна и, според Вас, во која насока би се развивала ситуацијата?
Камчев: Во услови на глобализирана економија и интернет-технологии, претерано е да се каже дека светот се наоѓа во нова Студена војна. Но, факт е дека заврши епохата на пријателски и соработнички односи меѓу САД и ЕУ од една и Русија од друга страна. Русија не е веќе членка на Г-8, клуб на најразвиени економии и демократии, кој отсега е клуб Г-7. Личното пријателство меѓу Клинтон и Борис Елцин, кога земјата стана членка на Г-8, поттикна идеја за Русија како дел од западниот свет. Таа идеја сега е мртва. Ресетирањето меѓу Москва и Вашингтон не работи. Заврши една ера и почнува нова. Тоа е ера на замрзнати односи меѓу Русија и Запад, што, според многумина, ќе трае најмалку до крајот на мандатот на американскиот претседател Барак Обама, а, можеби, и подолго. Популистичката политика на Путин, во спрега со покажување мускули, доведе до дипломатски ќор-сокак и сега се работи за рефлексот „земи колку што можеш“. Воената инвазија на Украина изгледа сѐ понереалистична варијанта, па Москва сега се сврти кон некаков политички инженеринг и бара федерализација на земјата, но и се заканува со сопирање на гасот ако Украина не прифати новите цени. Значи на повидок е замрзнат конфликт по примерот на Косово или Кипар.
Колку Балканот и Македонија се интересни за Русија од политички и економски аспект? Како оттаму гледаат на овој дел од Европа?
Камчев: Прашањето е во прилог на тие сензационалистички најави дека Русија ќе гради воени бази насекаде низ светот. Тоа е уште една локална новинарска патка – на сите да им биде јасно, Русија нема да гради воени бази на Балканот, исто како ни во Аргентина, на Сејшелски Острови, на Куба или во Никарагва. Тоа уште пред две недели го кажа и Лавров.
Москва сега ќе се фокусира на изградбата на Крим. Изградба на нови патишта и аеродроми. инфраструктурата на полуостровот е распадната, не е обновена уште од советско време. Кримјани очекуваат присоединувањето да им донесе развој на туризмот, воопшто така како што се изгради олимписко Сочи. Москва, исто така, ќе работи на засилување на својата црноморска воена флота таму. Сето тоа федералниот буџет во наредните години ќе го чини десетици милијарди, ако не и стотина милијарди долари.
Москва и понатаму традиционално ќе гледа на Балканот како на транзитно подрачје за своите енергенти кон јужна и западна Европа, каде може да инвестира во изградба на нови енергетски проекти како гасоводот „Јужен тек“, и за возврат да ќари со продажбата на гасот. Македонија би била презадоволна ако руските приватни инвестиции во недвижнини во регионот (Црна Гора, Бугарија и Грција) се свртат и кај нас. Но за тоа се потребни силни промоции на убавините на нашата земја. А тоа е тема за посебен разговор.
(Пишува: Ненад Мирчевски
Текст објавен во 84. број на неделникот „Република“, 11.04.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Украинските морнари признале: Добивме задача, влеговме во руски води и тука чекавме наредби
-
Македонија и Украина ќе ја интензивираат политичката и економската соработка
-
Иванов ги прими акредитивните писма на новите амбасадори на Украина и Индија
-
Путин по стапките на Трамп: Русија почна да гради ѕид со Украина


