| четврток, 6 декември 2018 |

Велигденска честитка од Комисијата за односи со верските заедници до сите христијани

veligden

Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи по повод големиот христијански празник Христово Воскресение – Велигден упати телеграма со честитки до поглаварот на Македонска православна црква – Охридска архиепископија г. г. Стефан и Светиот Синод, до Бискупијата скопска и бискупот скопски и апостолски егзарх Г-дин Киро Стојанов и на сите верници од Евангелско-Методистичката Црква во Република Македонија.

– Спасителот Господ Исус Христос вели: „Во светот ќе имате многу неволји, но не бојте се зошто Јас го победив светот!“. На овој голем празник над сите празници се потсетуваме на големата жртва која Исус ја даде за сите нас и кој воскресна за да имаме живот вечен. Воскресението на Спасителот е победа над гревот и смртта и раѓање на еден нов свет ослободен преку Неговото страдание на крстот. Токму затоа, празникот Воскресение Христово-Велигден ни дава радост и нова надеж, не поттикнува на добри дела и на љубов кон ближниот, се вели во честитката до г.г. Стефан.

– Почитуван Превозвишени Бискупе, Во овие возвишени празнични мигови дозволете ми Вам лично, на Вашето свештенство и монаштво, како и на сите верници од Католичката црква во Република Македонија да Ви упатам најсрдечни честитки по повод големиот празник Христово Воскресение – Велигден. Воскресението Христово претставува радост, вистинска светлина, љубов и возвишен дар за секого, се вели во телеграмата.

Денеска кога светот се соочува со големи предизвици, се подвлекува, пораката на Христовото воскресение-Велигден никогаш не била повеќе потребна и поактуелна.

– Задача на сите луѓе без оглед на верата е да ја шират пораката за мир и љубов, бидејќи само тоа е патот кој може да води кон ослободување од целиот хаос кој владее во светот. Само преку љубовта кон ближниот и правењето на добри дела можеме да се доближиме до Бога. Силата и истрајноста Исусова на крстот ни даваат сила да истраеме во нашето соочување со секојдневните искушенија и предизвици на лично и глобално ниво, се вели во честитката.

Празникот на Христовото Воскресение-Велигден, се додава, има посебно место и углед во животот на милиони луѓе во светот, поттикнувајќи ги на истрајност, пожртвуваност и нови духовни победи. Токму таква е, се вели, светата мисија на МПЦ-ОА, која во промовирањето на високите морални вредности на семејната традиција и воспитувањето на младите поколенија претставува столб на верата и на идентитетот на нацијата.

– Исполнувањето на оваа благородна мисија во денешно време на сеопшто негирање не е ни малку лесна задача, туку вистински предизвик поради што се надевам и натаму ќе продолжиме заеднички да ја остваруваме. Ви посакувам овој голем христијански празник да го поминете во многу љубов и мир, во топла блискост во вашите домови, да влее надеж и верба во новиот живот и новиот почеток кој настанува со Христовото распетие и победа над смртта. Нека Воскресението Христово-Велигден ни го осветли божјиот пат на љубовта, почитувањето и меѓусебното разбирање. Христос воскресе – навистина воскресе, стои во честитката од Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top