| четврток, 6 декември 2018 |

Николиќ побара воени репарации од НАТО за бомбардирањето во 1999 година

Српскиот претседател Томислав Николиќ побара воени репарации од НАТО за бомбардирањето во 1999 година, објави белградскиот весник „Политика“.

Николиќ, во обраќањато на прославата на Денот на Војската на Србија, оцени дека бомбардирањето на НАТО врз Србија во 1999 година е еден „нецивилизиран преседан во историјата, нешто од што би требало да се засрамат и варварските народи од
предхристијанскиот период“.

Тој додаде дека е сосема оправдано да се очекува дека Србија ќе застане на свои нозе со компензирање на штетите. Повод за оваа изјава на Николиќ е неодамнешното признание на официјален претставник на НАТО, дека Србија е бомбардирана без одобрение на Советот за безбедност на ОН, пишува „Политика“.

– Оправдување за бомбардирањето на една суверена држава, членка на ОН, убивањето на нејзините деца и уништувањето на нејзиното богатство, кое е создадено од нејзините граѓани, беше дека се спречува потенцијално страдање. Подобро да не измислеа никаква причина, бидејќи и немаше причина. Или подобро е да признаат дека причината е создавање на
албанска држава на територијата на Србија, нагласи Николиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top