| четврток, 6 декември 2018 |

Г.Г. Стефан: Да покажеме дека се грижиме за другите

СТЕФАН-

Да се испитаме себеси дали доволно правиме и се жртвуваме за другите бидејќи не е доволно само на збор да тврдиме дека имаме љубов и грижа за другите, туку тоа треба да го покажеме и докажеме на дело, порача во своето Велигденско послание до верниците поглаварот на МПЦ-ОА архиепископот Стефан.

Тој потенцира дека празникот и настанот на Воскресението н` повикува да го чуваме единството, духовно и национално за доброто на нашата црква и татковина и никогаш личните да не ни бидат пред заедничките интереси.

– Често се случува сопствените удопства, и душевни и материјални, да ни бидат помили од ближниот, иако тоа свесно не го признаваме. Затоа е потребно да стражариме над своето срце и уште на почетокот да ги одбиеме сите себељубиви и страсни помисли, кои лесно стануваат дел од нашиот живот и однесување – укажува тој.

Архиепископот во посланието, зад кое се потпишани и сите македонски владици, додава дека времето во кое живееме изобилува со многу искушенија. Односно, дека и на личен и на општествен план трпиме најразлични напади, кои некогаш се отворени, а не ретко се затскриени под превезот на правдата и слободата.

– За жал, многумина денес живеат и ги воспитуваат идните генерации со она богоборечко и нечовекољубиво размислување дека другиот човек е мојот пекол. Доживувајќи го присуството и дејствувањето на ближниот како закана за нашата слобода, ние доброволно прифаќаме да останеме под ропство на смртта. Човекот е создаден за заедница, а не за да живее како единка, сам за себе – наведува поглаварот на МПЦ-ОА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top