| четврток, 6 декември 2018 |

Ристовски до студентите: Надградувајте се постојано, учењето е процес кој трае целиот живот

Spiro Ristovski03 (Custom)

Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, на денешното доделување на дипломи на најдобрите студенти на генерација од Филолошкиот факултет им порача на студентите никогаш да не застануваат пред предизвиците да го надградат она што денес го имаат.

-Ве советувам никогаш да не се откажете од учењето, надградувајте се постојано, затоа што учењето не е дело, туку процес кој трае во текот на целиот живот – рече Ристовски.

Студентите на овој факултет имаат современи услови за стекнување на теоретско и практично знаење, конкурентно и во пошироки размени.

– Прво, затоа што благодарение на заложбите на владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука, континуирано се збогатува библиотечниот фонд на факултетот со преведената современа, стручна и научна странска литература на македонски јазик, односно се обезбедуваат учебници од кои се учи на најреномираните светски универзитети, коишто се користат во наставата и наоѓаат практична примена во усовршувањето на кадрите.И второ, затоа што во изминатиот период беа набавени четири современи лаборатории за симулација на конференции и за изведување на мултимедијална настава во вкупна вредност од 20,6 милиони денари, со што се овозможија услови за квалитетно изведување на образовниот и научно-истражувачкиот процес, како и целосна примена на стандардите од Европскиот образовен систем.Овие лаборатории се достапни и за претходните генерации на преведувачи и толкувачи, коишто во периодот додека студирале немале можност да се служат со модерно опремени лаборатории и кабини за толкување, сега да го стекнат тоа искуство и да се оспособат за користење на современите електронски помагала – изјави Ристовски.

Филолошкиот факултет веќе организираше обука за вовед во теоријата и практиката на преведувањето, која во првата фаза успешно ја завршија 50 учесници и таквите обуки ќе продолжат и во иднина.

-Во оваа прилика би сакал да ги споменам и Европските програми за мобилност поддржани од Министерството за образование и наука, кои отвораат можности за стекнување нови искуства и надградба на знаењето како на наставниот кадар, така и на студентите. Овие програми досега на многумина им овозможија учество во бројни национални и меѓународни истражувачки проекти од областа на науката за преводот, дидактиката, лингвистиката и културологијата. Наша грижа и заложба е тие програми и понатаму да бидат што повеќе достапни, но и што повеќе искористени од нашите професори и студенти – рече Ристовски.

Денес 100 студенти добија диплома од Филолошкиот факултет.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top