Од тетовската полиција соопштија дека попладнево, во 14 часот, се судриле на моторна дрезина за поправка на пруги и автомобил “опел корса“ со тетовски регистарски таблички. Сударот се случил на необезбеден железнички премин во непосредна близина на тетовското село Ратае.
Моторната дрезина се движела од правец на Тетово кон Скопје додека во автомобилот биле возачот 35-годишниот А.Е и неговата 62-годишна мајка Б.Е. двајцата од село Шемшово.
Од ударот тие се здобиле со телесни повреди по што со возило се префрлени во тетовската клиничка болница. Поради сериозноста на повредите А.Е ќе биде префрлен на Скопските клиники, а неговата мајка ќе остане во тетовската болница.
“Иако бројот на сообраќајни несреќи на железничката пруга низ тетовско е намален во однос на минатите години, тие и понатаму се случуваат најмногу на црните точки, односно дивите железнички премини кај Ратае, Џепчиште, Фалише и гостиварската населба Циглана“, истакна потпаролот Марјан Јосифовски, апелира до возачите да не ги користат дивите примини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



