| четврток, 6 декември 2018 |

Лазаров: И Шпанците ќе навиваат за нас на СП!

Лазаров имаше неверојатно успешна година во која селекцијата го освои 5. место на ЕП, играше квалифиакции за ЛОИ, го освои пехарот на ИХФ Супер глоуб, францускиот спортски весник „Л’Екип“ неодамна го круниса во идеалниот тим на светот за 2012 година. Во интервју за неделникот „Република“ тој зборуваше и за односот со Ракометната федерација на Македонија и ракометарите, за очекувањата од Мундијалот во Шпанија...

Со капитенот на македонската машка ракометна репрезентација на Македонија Кирил Лазаров разговаравме за неделникот „Република“претпладнето на 31 декември. Разговорот е воден во тек на подготовките за СП, кое почнува денеска. Ракометарите ги заборавија патешествијата до Шпанија, каде што патуваа повеќе од 20 часа, односот на РФМ кон нив и сега се сконцентрирани на престојните натпревари од групата Б.

Од Светското првенство во Хрватска пред четри години почна успешната македонска ракометна приказна. Успеавте да го задржите континуитетот во настапот на големите натпреварувања. Шампионотот во Шпанија кој почнува на 12 јануари е трето по ред натпреварување на кое учестувавме. Кој е дострелот на оваа генерација ракометари?

Лазаров: Организациски пораснавме како репрезентација. Сега се подготувавме многу попрофесионално се подготвуваме за разлика од порано. Треба да одиме чекор по чекор. Не смееме да се прогласуваме за фаворити, да прогнозирме, да правиме математики, бидејќи како репрезентација тоа не можеме да си го дозволиме. Немаме подеднаково добри играчи како што имаат другите селекции. Секоја шанса што ќе ни се укаже се надевам дека ќе ја искористиме, доволно сме искусни. Слободно можам да кажам дека сме под голем притисок од јавноста, од медиумите. Луѓето од нас очекуваат успех. Тие очекувања, тие притисоци не прават уште подобри, тоа го чувстуваме и даваме се од себе да не ја изневериме македонската јавност.

Што очекувате на СП во Шпанија? Ќе го мине ли Македонија првиот круг каде што противници и се Чиле, Исланд, Русија, Данска и Катар?

Лазаров: Јас сум оптимист. Се наоѓаме во тешка група, но меѓутоа лесни групи не постојат. Ако се има цел, ако сакаме да направиме нешто мораме да направиме изненадување. Нашата примарна цел е да ја минеме групата и да влеземе во осмина-финале, да избориме што подобар пласман во групата за да можеме, ако може да добиме полесен противник. Ако влеземе меѓу првите осум, потоа се е можно.

kire-lazarov (16)

Постои некоја магична поврзаност меѓу земјите-домаќини на ракометните СП и клубовите во кои настапува Лазаров. На СП 2009 играше за РК Загреб, а првенството беше во Хрватска. Овој мундијал се одржува во Шпанија, а капитенот игра за Атлетико Мадрид. Мислиш дека судбината тука замешала прсти?

Лазаров: Па можно е. Јас сега си правам математики, каде се сега наредните европски првенства и дали можам да завршам во некои од тие држави. Лани од Копенхаген кога беше во врвот на европкиот ракомет имав прималива понуда да потпишам за нив, а следното ЕП во 2014 се игра во Данска. Но, клубот потоа банкротира. Дај боже ние да бидеме учесници во Данска на ЕП, но јас нема да настапувам во клуб од таа држава во 2014. Кога го игравме баражот со Австрија во потсвеста ми беше дека СП е во Шпанија и тоа ми даваше мотивација плус. Таму сум , го знам јазикот, ги познавам луѓето. Така беше и во Хрватска. Со името кое го имам направено во Шпанија, покрај нашата навивачка фаланга и покрај Македонците се надевам дека ќе да привлечеме и некој Шпанец да навива за нас. Нема да му требаат нови знамиња – исти ни се боите, црвена и жолта.

Лично бев сведок на еуфоријата која постоеше во Хрватска, на шампионатот, а потоа и во Србија на континенталниот собир на најдобрите европски селекции. Објективно, репрезентацијата овој пат во Шпанија, иако тебе во моментов таму ти е домот, ќе нема огормна поддршка од навивачите. Каква посетеност на натпреварите очекуваш во Севилја, во првиот круг?

Лазаров: Според моите информации има најави дека ќе има доволно Македонци кои ќе се решат да тргнат на пат за Севилја. Ќе има и иселеници. Колку и да има публика ќе ни биде чест и задоволство да не подржат. Не мора да бидат во не знам колкав број како што беа во Хрватска или Србија. Колку и да бидат многу ќе ни значат. Да не правиме однапред математики, но, здравје боже, ако се пласираме во вториот круг, мечевите се играат во Барселона, тоа ќе биде поблизу па повеќе Македонци ќе се одлучат да дојдат.

Кој е твојот сон со оваа репрезентација?

Лазаров: Треба да се биде реален и да се верува дека е можно да се остварат соништата. Сонот е тој – учество на големи манифестации. Во една добра работна атмосфера, организираност, сплотеност, поддршка, со добар план и стратегија може многу да се постигне. Треба да не послужи и спортска среќа, да се поклопат коцките. Тоа нема да биде добивка само за нас, туку за целата држава и за македонската јавност. Ќе пробаме, ќе дадеме максимум од себе и во наредните години да ја промовираме Македонија. Ракометна Европа добро не познава и сега уживме многу поголем респект за разлика од порано.

Учинокот на младинските селекции, оние кои треба да ве наследат тебе, Мојсовски, Ристовски, Димовски, Темелков и другите е многу слаб. Каква иднина ти му прогнозираш на македонскиот машки ракомет?

Лазаров: Дај боже да ја имаме, ама немаме баш светла иднина. Со самите учества на СП и ЕП растеме од ден во ден, не само на репрезентативен, туку и на клупски план. Еве, гледаме дека Металург од година во година е многу подобар како на резултатски, така и на организациски план. Истото се однесува и за Вардар. Металург почна да расте како клуб кога се пласираме на СП во Хрватска. Кога се работи за национална селекција сите треба да дадат максимална поддршка, затоа што без добра национална репрезентација ние ќе немаме ни добри клубови. Кога тогаш овој цех ќе го платиме, но никогаш не е доцна за да се почне. Многу е важно младите категории кои созреваат да ги гледаат своите идоли како се натпреваруваат со најдобрите во светот. Јас постојано потенцираме дека е потребен континуитет. Ако го имаме, ќе имаме и светла иднина. Порано во минатото, таа не(организација) не чинеше отсуство од големите ракометни настани. Оваа генерација во минатото заслужуваше да биде учесник најмалку на четири или пет големи натпреварања. По оваа генерација мислам дека ќе имаме еден голем пост на неодење на големи манифестации. Не гледам светла иднина на македонскиот машки ракомет.

kire-lazarov (19)

Јавноста знае да ве велича до небо кога победувате и да биде цинична во коментарите кога губите. Како се справувате со бранот на незадоволство кој знае и силно да заплиска?

Лазаров: Во Македонија еуфорично те дигаат до небо или те спуштаат силно на земја. Го прифаќам тој предизвик, посебно тој вториот. Сакам критика, но аргументирана. Од неа се влечат поуки да бидеме уште подобри. Не е добро кога си „средно успешен“ па те величаат. Мене тоа не ми треба. Многу сум самокритичен. Знам кога сум имал добар учинок, кога сум бил добар, а кога лош. Кај нас критиката знае да биде злонамерна. Таква критика воопшто не ми се допаѓа. А за еуфорија сме шампиони. Ние немаме спортска култура како што имаат големите спортски нации. На пример Хрватите – колку и да се успешни, тие никогаш не се задоволни, секогаш бараат повеќе. Кај нас кога ќе направиме голем успех тој толку не опива и знаеме дека во наредните неколку месеци не очекува пад. Постојат големи амплитуди, но ни недостига завршниот удар.

Може ли оваа генерација да го подобри пласманот од мундијалот во Хрватска кога го освоивте 11. место? Што мислиш за новиот нокаут-систем на СП и за распоредот на натпреварите во групата Б?

Лазаров: Мундијалот во Хрватска се играше по друг систем, многу понапорен, според мене, за разлика од овој сега во Шпанија. Овој сега повеќе ни одговара. Ние немаме 16 одлични играчи, квалитетни на сите позиции како некои други селекции. Нам повеќе ни одогавара систем во кој ќе има пауза. Ќе се обидеме да го подобриме пласманот од Хрватска.

Ќе се решат ли некогаш проблемите во македонскиот машки ракомет околу исплатата на премиите, ќе се најде ли маж да го регулира статусот на ракометарите, дневниците, стасусот на селекторот?

Лазаров: Нас ракометарите не сфаќаат многу погрешно – играат за пари, бараат премии. Јас не се согласувам со тоа. Сакам да биде јасно. Ние не играме за пари во македонската репрезентација. Имаме премии кои се регулирани со статус и одобрени од Управен одбор на РФМ. Ако ние направиме успех, тие премии треба да бидат исплатени. Значи, нешто што е ветено и регулирано, треба да биде исплатено. Ние сме 20 ракометари и уште неколкумина во стручниот штаб и кога ќе се поделат тие пари на 24 луѓе не станува збор за голема сума за да може да се прави толкава бука. Ние не бараме ништо повеќе од нашата ракометна репрезентција ниту пак имаме амбиции некого да менуваме. Не. Ние го бараме она што сме го заслужиле и што ни е ветено.

Разговараше: Александра Мазнева Бундалевска

Фото: Ѓорги Личовски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top