| четврток, 6 декември 2018 |

Украински специјалци сè уште го чуваат аеродромот во Краматорск, во акцијата учествувале и американски платеници?


Специјалните украински сили ја задржаа контролата над аеродромот во Краматорск, на истокот на земјата, кој до вчера беше под контрола на проруските сили, соопшти владата во Киев.

Ситуацијата е многу напната пред утрешниот состанок во Женева на кој претставници на Русија, САД и на ЕУ ќе се обидат да ја смират кризата. Украина најави дека нема да присуствува на овој состанок.

Украинската војска вчера почна „антитерористичка“ акција против проруската „народна армија“ во југоисточниот дел на земјата, каде што во борбите за аеродромот кај Краматорск, според некои медиуми, загинале четворица „милиционери“, а ранети се уште четворица. Руската телевизија тврди дека во акцијата на украинските сили за преземање на аеродромот загинале меѓу 4 и 11 лица, а властите во Киев не дадоа официјални информации за жртви.

Поголемиот број информации што доаѓаат од самото место се изјави на неименувани сведоци, кои тврдат дека има уште жртви. Според нивни сведочења, на тоа местото бил соборен авион на украинската армија, а во нападите на аеродромот учестувале и американски платеници од „Блеквотер“.

ukrainska vojska

Камиони со војска, хеликоптери, оклопни возила и тенкови на украинската армија се стационирани на околу 40 километри северно од Словјанск, а војниците велат дека чекаат наредба да тргнат кон градот, кој е под контрола на проруските вооружени групи.

Офанзивата следува откако НАТО соопшти дека Русија разместила околу 40.000 војници на границата со Украина. Украинските власти им порачаа на проруските сили „да се предадат или во спротивно ќе бидат ликвидирани“.

Во случај да пропадне состанокот во Женева, САД најавија нови санкции против Москва. Според Стејт департментот тоа би можело да значи продолжување на списокот на личности против кои би се вовеле санкциите, или да се забрани пристап на одредени клучни економски сектори, како што се рудници, енергетика, финансиски служби.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top