Наградата „Златна бубамара на популарноста“ за животно дело во уметноста ја доби Киро Урдин, пишува „Утрински весник“.
Неговите уметнички креации се во форма на слика, филм, фотографија, афоризам. Филмот „Планетариум“ го сними на 24 најзначајни точки на планетата Земја додека ја создаваше својата најзначајна слика со истото име. Поради неа беше и во Забранетиот град и на Кинескиот ѕид, но и крај Берлинскиот ѕид, потоа во Париз, Рим, Брисел, во Лондон, Токио, Ајндховен, на делтата на Нил, крај Кеопсовите пирамиди, во Кенија, на Ѕидот на плачот во Ерусалим, но и во Куско и во Мачу Пикчу, ама и Нерези и Охрид се дел од глобалната приказна.
Досега имал повеќе од сто меѓународни изложби, за него пишувале најзначајните светски весници, како што се „Њујорк тајмс“, „Пари мач“, „Фигаро“, „Монд“, „Торонто стар“, „Правда“, НИН, „Политика“ и сите значајни балкански и македонски списанија.
Во својот живот се сретна и беше пријател со голем број значајни луѓе од нашето време, како што се Хенри Кисинџер, бароницата Бакарди, Лучијано Павароти, Анатолиј Карпов, Мик од групата „Флитвуд мек“, кореографката Деби Вилсон и уште многу други.
Ако филмот „Планетариум“ ја доби наградата за најдобар документарец на „Њујорк индепендент филм и видеофестивал“ во 2005 година, неговиот најнов филм „Две времиња“ ја доби наградата за најдобар филм во категоријата „Природна средина“, на големиот филмски екофестивал во Јаан во Кина во 2012 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.