| четврток, 6 декември 2018 |

Диме Спасов: ВМРО-ДПМНЕ ќе ја зголемува социјалната помош по пет отсто годишно

Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека ќе се зголеми висината на посебниот додаток на примателите кои потекнуваат од материјално необезбедени семејства и кои имаат дете со пречки во телесниот или менталниот развој за 25 проценти

Dime Spasov, intervju

Во следниот мандат, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја зголемува социјалната помош по пет отсто годишно, со исплатата за јуни секоја година. Тоа е пораст на социјаланата помош од вкупно 21,5 отсто. Политиката на планираниот пораст на социјалната помош е возможна доколку не се случи сериозна надворешна криза, која би влијаела негативно врз економската и финансиска состојба во Република Македонија – изјави Диме Спасов.

– ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2006 година до 2014 година, социјална парична помош ја зголеми во просек за 47 проценти. Со ова докажуваме дека ВМРО-ДПМНЕ се грижи за социјално најранливите категории. Предвидуваме зголемување на посебниот додаток за материјално необезбедени родители на деца со пречки во развојот за 25 процнети. Посебниот додаток се обезбедува за дете кое има пречки во телесниот или менталниот развој (деца со инвалидност, ментална попреченост, тешки хронични заболувања, оштетување на видот, слухот или говорот). Висината на посебниот додаток до 2013 година се зголеми за 30 проценти, додека износот на посебниот додаток за самохран родител кој има дете со специфични потреби кое има пречки во телесниот или менталниот развој се зголеми за 50 проценти – рече Спасов.

Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека ќе се зголеми висината на посебниот додаток на примателите кои потекнуваат од материјално необезбедени семејства и кои имаат дете со пречки во телесниот или менталниот развој за 25 проценти.

– Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со грижата за децата со пречки во развојот. Ќе продолжиме со зголемување и воведување на нови права за ранливите категории на население. Во наредниот период ќе воведеме и посебен додаток за сите деца со Даунов синдром. Со воведувањето на ова право  значително ќе им се помогне на сите родители на децата со Даунов синдром. Од голема важност е квалитетот на животот и правилен развој на  децата чии семејства се во социјален ризик. За таа цел ќе овозможиме бесплатни тренинзи во повеќе спортски дисциплини. Наш приоритет е еднаквите можности за сите граѓани. Нудиме еднаков пристап кон социјално ранливите категории на граѓани, при што со  продолжувањето на овој проект сакаме да постигнеме подобра социјализација, дружење и правилен раст и развој на децата од семејствата во социјален ризик. Проектот ќе продолжи да се спроведува и во наредните четири години, така што на годишно ниво 2.000 деца ќе користат бесплатен летен одмор, а 1.000 деца бесплатен зимски одмор вкупно 3.000 деца годишно – рече Спасов.

Се најавува бесплатна рехабилитација и рекреација на деца со пречки во развојот, деца со церебрална парализа, деца со посебни потреби (интелектуална попреченост) и телесен инвалидитет, приматели на посебен додаток, деца од згрижувачки семејства, како и деца кои посетуваат Дневни центри за деца со посебни потреби. Годишно ќе се опфатат до 1.000 деца и лица.

Спасов најави и ослободување од радиодифузна такса за семејствата корисници на социјална парична помош.

– Овој проект вклучува ослободување од плаќање на радиодифузна такса на примателите на социјална парична помош за секое семејство. Ќе направиме законски измени со кои овие семејства во социјален ризик ќе бидат ослободени од уште една давачка со што ќе го подобриме нивниот живот – рече Спасов.

Тој најави дека ќе продолжи мерката за заштита на енергетската сиромаштија.

– Согласно постојниот модел за субвенционирање, за платена месечна сметка за електрична енергија ќе се исплатат по 700 денари на корисниците кои се квалификуваат за оваа помош. Во наредниот период ќе го зголемиме субвенционирањето за заштита од енергетска сиромаштија при што во 2015 година ќе изнесува 800 денари месечно, во 2016 година ќе изнесува 900 денари месечно, а во 2017 и 2018 година ќе изнесува 1000 денари месечно – заврши Спасов.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top