| четврток, 6 декември 2018 |

Текстилната индустрија бележи позитивен раст

stopanska-k.-500
Според последните статистички податоци текстилната индустрија во Р.Македонија во 2013 во однос на 2012 забележува позитивен тренд и тоа во делот на производството на текстил забележан е раст од околу 79,9 отсто и производство на облека 13,7 отсто.

-Извозот на текстилните производи во 2013 година изнесуваше 701 милион американски долари од кои 77,6 отсто отпаѓа на текстилни ткаенини, а 624 милиони долари отпаѓа на готовите текстилни производи. Истиот позитивен тренд продолжува и во првите два месеци од 2014 година каде што имаме зголемување од 16,3 отсто кај текстилните ткаенини и од 7,9 отсто кај готовите производи – информираше денеска Сашо Деспотоски од Стопанската Комора на Р. Македонија.

Текстилната индустрија има значајно место во македонската економија. Околу 42000 работници работат во текстилната индустрија што претставува 12 отсто од вкупниот број на вработени и 40 отсто од вработените во преработувачката индустрија.

Во 2013 година учеството на извозот во текстилната индустрија во вкупниот извоз на земјата учествува со 16,4 отсто.

-Бројките покажуваат дека во 2013 година нашите претпријатија од текстилната индустрија успеаа да  остварат одреден раст – истакна Ангел Димитров претседател на здружението на текстилната индустрија  при Стопанската комора на Македонија.

Тој потврди  дека и најновите статистички податоци за индексот на индистриското производство за февруари 2014 година го потврдуваат тоа, во јануари и февруари во 2014 година во однос на 2013 година имаме пораст од 7,9 отсто.

-Растот во производството на облека се должи на два фактори и тоа заживувањето на економијата на нашите трговски партнери од западна Европа, посебно Германија што предизвика зголемување на нарачките кај нашите компании. Вториот фактор кој влијае на зголемување е се повисоката фаза на доработка или зголемување на нашето учество во вкупната цена на готовиот производ, а тоа значи дека покрај работната рака овде се доработуваат сите други фази – потенцираше Димитров.

Сепак тоа не значи дека текстилната индустрија излегла од кризата, посочи Димитров, бидејќи според него, се уште се присутни притисоците на евтината работна сила од Далечниот Исток.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top