
Од денеска, Велипонеделник, почнува Страсната седмица, востановена заради најсветите Господови страдања, претрпени заради нас, коишто претставуваат круна на Христовиот живот на земјата.
Од Велипонеделник до Велјасабота нашата Света Црква живо се сеќава на овие најзначајни настани во домостројот за спасението на човекот.
Јосиф, почитувајќи го како праслика на Христос, бидејќи овој најдостоинствен младич, извор на целомудреноста, и совршен победник, ги поразил непријателите свои, постана прв образец на идното Господово доаѓање. И навистина, Јосифовиот живот во многу нешта го предобразува животот на нашиот Христос: синовите на Јаков лукаво и непријателски постапиле кон својот сопствен брат Јосиф, како и Израелскиот избран Божји народ кон Христа; браќата на Јосиф го продале во Египет за 30 сребреници, а по иста цена и Јуда Го предаде Христа; Јосиф го хранеше израелскиот народ, а Христос непрестајно го храни Својот народ со небесен леб.
Огладнувајќи, Христос приоѓа кон смоквата, која, пак, го претставува целиот човечки род. Бесплодната смоква крај патот, само со лисја – тоа сме сите ние. Кај нас често доаѓа наутро и навечер Сејачот на нашиот живот, Господ Исус Христос, Кој е гладен за нашето спасение, доаѓа за да ја задоволи гладта на нашите души и да биде леб на животот. Но, за жал, скоро секогаш наоѓа во нас само грижи околу секојдневите работи, т.е. само лисја; а плодови на верата и сесрдна грижа за спасението на нашите души нема. Ако не сакаме да бидеме исушени како смоквата, да се потрудиме да Му принесеме плодови на добри дела на Оној Кој го засади нашиот живот, додека сеуште имаме време, сила и можност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


