| четврток, 6 декември 2018 |

Копилотот на малезискиот авион се обидел да телефонира?

Копилотот на исчезнатиот авионот на компанијата „Малезија ерлајнс“ кој исчезна од радарите на 8-ми март, се обидел да се јави од својот мобилен телефон за време на судбоносниот лет, пишува денеска малезискиот весник „Њу стреитс тајмс“, пренесува „Дојче веле“. Овој податок го откриле криминалистичките инспектори, кои се обидуваат да разјаснат што се случувало во авионот кој наеднаш исчезнал од радарите, откако неочекувано го променил курсот од малезиската престолнина Куала Лумпур кон Пекинг, и како што се претпоставува се урнал во водите на Индискиот Океан, илјадници милји од означената маршрута.

Детективите велат дека повикот од мобилниот телефон на Фарик Абдул Хамид бил направен кусо време откако авионот исчезнал од екраните на радарите. Овој факт бил потврден од податоците на телекомуникациите, коишто укажуваат дека во тој момент авионот летал ниско, што го овозможило повикот, но кој бил прекинат.

„Телекомуникацискиот предавател уловил сигнал на повик кој тој (копилотот) се обидел да го направи. Повикот бил прекината, најверојатно бидејќи авионот брзо се оддалечувал од предавателот и се‘ уште не бил во опсегот на следниот предавател“, изјавил за весникот извор близок на истрагата.

Во интерес на истрагата, соговорникот не сакал да го открие идентитетот на сопственикот на телефонскиот број на кој се обидел да ѕвони копилотот. Според експертите, локалните телекомуникациски предаватели можат да регистрираат сигнал од мобилен телефон од височина на 2.100 метри, а експертите утврдиле дека авионот ја намалил височината на 1.500 метри, кога го менувал курсот од над Јужното Кинеско Море, кон јужниот дел на Индискиот Океан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top