| четврток, 6 декември 2018 |

Доставен избирачкиот материјал во Битола

Гласачки ливчиња, записници, паравани, избирачки кутии, целиот избирачки материјал денеска беше доставен до 170 те избирачки места во општина Битола, објави телевизија „Тера“. Првпат оваа година на ден пред изборите можност својот глас за претседател на државата имаат и македонските државјани кои работат и живеат во странство. Освен 8.332 гласачи во дијаспората, кои ќе гласаат во дипломатско конзуларните претставништа на Македонија, денеска избирачките места во 7 часот беа отворени и за внатрешно раселени лица, за лицата на издржување казна затвор или притвор, а дома ќе гласаат болните и немоќните и оние во домашен притвор, велат од ОИК во Битола

-Во Битола на 170 те избирачки места ќе гласаат 82.588 гласачи. Во затворот денеска ќе гласаат 48 затвореници, а вкупно 164 болни и немоќни лица ќе гласаат во домашни услови. Утрово навреме точно во 7 часот беше отворено гласачкото место во затворот. Едукацијата на членовите кои што ќе ги спроведуваат утрешните изборите заврши и тие ќе направат се што е во нивна надлежност изборниот тек да помине најрегуларно, изјави Зоран Насев претседател на ОИК Битола

Утре изборите ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во Македонија и на 34 во дијаспората Вкупниот број на избирачите што се на привремена работа и престој во странство е 70.305, а од нив право на глас имаат 8.332, кои се пријавиле за гласање. Во изборните единици во дијаспората, односно во ИЕ 7 (Европа и Африка) пријавени за гласање се 5.892 македонски државјани, во осумката (Северна и Јужна Америка) – 1.426, а за Австралија и Азија се пријавени 1.014 гласачи. Во средата во ДИK гласаа и 294 члена на избирачките одбори што ќе ги спроведуваат изборите во дијаспората. Оваа година бројот на избирачките места е зголемен за 504, имајќи ги предвид измените во Изборниот законик според кои во едно гласачко место не смее да има повеќе од 1.000 избирачи.Право на глас имаат 1.779.572 гласачи запишани во Избирачкиот список. Избирачките места утре ќе бидат отворени од 7 часот наутро до 19 часот навечер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top