Новиот генерален секретар на Северноатлантската алијанса, избран со консензус и со силна поддршка од Германија и од САД, Јенс Столтенберг, ќе има сериозна задача да го зачува чистиот образ и јавно изговорениот збор во случајот со Македонија. Пред две години, за време на неговата средба со македонскиот премиер Груевски, тој како шеф на норвешката влада јавно порача дека Македонија треба да стане членка на НАТО.
– Jа цениме соработката што ја имаме со Македонија во меѓународни операции како што е Авганистан, каде што македонски хирурзи им спасија живот на норвешки војници. Ги поздравуваме членството на Македонија во НАТО и побрзото решавање на прашањето за името – изјави во 2012 година Столтенберг, кој од октомври ќе има можност практично да ги потврди своите ставови за Македонија и за нејзиното членство во НАТО.
Се разбира, Столтенберг говори само за НАТО затоа што неговата земја не е членка на Европската унија. И покрај отворената покана за членство, Норвешка, која е дел од заедничкиот европски пазар, одбива да стане дел од Унијата. Дури седум од 10 норвешки граѓани во 2012 година рекле дека не сакаат членство во ЕУ.
Атина уверена во статус кво во НАТО
Извори во грчката политика предупредуваат дека не треба да се очекува премногу од Столтенберг на ова поле. Тие тврдат дека се работи за куртоазна изјава, која не може да биде спроведена од алијансата дури и ако Столтенберг, навистина, сака да го наметне својот личен став за Македонија. И, навистина, засега нема познат механизам со кој Столтенберг би можел да го отфрли грчкото вето и формулата за донесување одлуки со консензус со која Атина секогаш ќе може да ја блокира Македонија. Доколку не се случи некое чудо или доколку Русија не објави дека сака да интервенира и на Балканот, што засега е само на ниво на научна фантастика, Македонија нема никакви шанси да влезе во НАТО без решение на спорот за името по грчки терк, велат изворите во Атина. Притоа на сериозната политика се додаваат и зачинети приказни за влијанието на кралските семејство во високата светска политика. Имено, иако е член на норвешката лабуристичка партија, која традиционално на политичката сцена се бори против конзервативците, кои се поблиски до норвешкото кралско семејство, Столтенберг сигурно ќе биде цел на лобирање што доаѓа и од грчкото кралско семејство. Во овие приказни, според многумина поблиски до фолклорот отколку до реалната политика, Столтенберг би можел да биде замолен од норвешкото кралското семејство да не се ангажира околу Македонија поради кумската врска што ја имаат крунските принцови Павлос од Грција и Свер Магнус од Норвешка.
Што напиша Камерон во 2003 година и што направи потоа
Во колумната на британскиот конзервативен лидер Дејвид Камерон објавена во „Гардијан“ во 2003 година во рубриката „Од дневникот на пратениците“ тогашниот надежен политичар, а сегашен премиер на Британското Кралство, Дејвид Вилијам Доналд Камерон, напиша дека ја поддржува Македонија во спорот за името со Грција, која поради тоа ќе ја нарекува поранешна отоманска сопственост Грција.
„Минатата седмица ја поминав во прекрасна вила на ридот над главниот град на Македонија, Скопје“, вели Камерон. „Технички станува збор за поранешната југословенска Република Македонија, бидејќи тоа е точното име за малата, но прекрасна земја сместена во ‘сендвич’ меѓу Грција, Албанија, Србија и Бугарија. Причина за тоа долго име е спротивставувањето на Грција. Тоа изгледа екстремно невоспитано. Грција има своја земја, свое име и е преплавена од финансиска помош откако стана членка на ЕУ. Овие луѓе, Македонците, штотуку се извлекоа од комунизмот и немаат речиси ништо“, напиша во својата колумна Камерон.
Камерон додава и дека земјата, која тој е цврсто решен да ја нарекува Македонија, има совршено право да постои. Населението е цивилизирано, пријателски настроено и високообразовано, вели тој во колумната. „Секогаш е тешко да знаеш како да одговориш на прашањето: ‘Што ќе сториш за да ни помогнеш’? Но, во овој случај јас имам одговор. Отсега натаму нашиот партнер во ЕУ, Грција, ќе ја нарекувам поранешна отоманска сопственост Грција или ПОСГ“, напиша тогаш Камерон. Сепак кога дојде на Даунинг стрит 10 неговите ставови за Македонија и за Грција не беа реализирани во јавна и практична поддршка за Македонија за нејзино брзо интегрирање во НАТО и во ЕУ.
Столтенберг е на чело на НАТО во многу сложен период
Се разбира, Јенс Столтенберг на чело на НАТО ќе има многу поголеми предизвици од членството на Македонија. Тој ја презема водечката политичка функција во алијансата во момент кога таа размислува за целосно редефинирање на идните акции по руската инвазија на Крим, откако актуелниот генерален секретар Андрес Фог Расмусен најави зацврстување на релациите со Украина и повеќе трупи на НАТО во источна Европа. Само неколку дена откако претседателот на САД, Барак Обама говореше за обезбедување регуларно присуство на НАТО во загрозени земји, Расмусен за германските медиуми откри план според кој проширувањето на НАТО, кое, според него, е најголемо достигнување на нашето време, сѐ уште не е завршена мисија.
Според Расмусен покрај сѐ посилните врски со Украина, која само треба да си ја одреди иднината, има уште четири земји, кои се дел од овој план. Босна, Македонија, Црна Гора и Грузија се земјите што побарале членство во НАТО и работат на тоа поле, изјави Расмусен не откривајќи дали и овие четири земји се на листата на која се однесува новиот план на Брисел за поголемо присуство во „ранливите земји“.
– Разгледуваме оперативни планови, воени маневри и соодветни воени засилувања. На пример , ние ќе испратиме повеќе воени авиони во балтичките земји – изјавил Расмусен за германскиот магазин „Фокус“.
Столтенберг доаѓа на чело на НАТО во специфичен период во кој Германија, иако водечка земја на алијансата, сака да ги поддржи плановите на своите сојузници, но, во исто време, да ги задржи и добрите односи со Москва. Иако Германија првично ги потврди можностите да учествува во патролите на „авакс“ над Романија и Полска, сепак подоцна руските медиуми пренесоа изјава на портпаролот на германската влада Штефен Зајберт, според кого проширувањето и засилувањето на операциите на НАТО во Источна Европа не се приоритет и итна потреба. Балансирањето меѓу германско–руските односи и агендата на алијансата, очигледно, ќе биде многу поголем проблем за Столтенберг, отколку веќе замрзнатото македонско прашање.
Семејството Столтенберг – едно од највлијателните во Норвешка
Фамилијата Столтенберг има долга традиција во норвешкото општество. Еден од нејзините најстари членови, кој живеел на преминот од 18 во 19 век, Карл Петер, бил пратеник во првиот норвешки парламент. Името на семејството потекнува од германското село Столтенберг каде што студирал еден од предците на идниот шеф на НАТО. Меѓу неговите подалечни и поблиски родини се Торнвалд Столтенберг, поранешен шеф за надворешни работи и за одбрана и претседател на норвешкиот Црвен крст, еден од најбогатите на светот. Од политичарите во семејството најпозната е Карин Столтенберг, државна секретарка во Владата на Норвешка до 2012 година, а од другите јавни личности на семејната листа може да се најдат и истражувачи, уметници, комичари и телевизиски лица.
(објавено во 83. број на неделникот „Република“, 4.04.2014)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Метју Палмер во Сараево: Македонија може да стане членка на НАТО до средината на 2020 година
-
Пендаровски: Од јануари очекувам да бидеме на иста маса со НАТО
-
Не се очекува земјите од Алијансата да распоредат ново нуклеарно оружје во Европа
-
Помирување, со цел промена на името и Уставот на Република Македонија, не е прифатливо