Најдобриот македонски автомобилист, Игор Стефановски – Иџе пристигна во француското градче Сент Жан ду Гард каде викендов ќе се вози првата трка од Европското првенство на ридски патеки. Тој ќе се обиде да биде првиот македонски возач кој ќе извози цела сезона во ова реномирано натпреварување.
Изминатите 2.000 километри до првата дестинација од новиот шампионат не ја намалуваат желбата и оптимизмот кај Стефановски рамноправно да се фати во костец со најдобрите возачи на Стариот континент.
– Патувањето беше напорно, но тоа ќе ни биде постојан хендикеп во текот на целата сезона бидејќи останатата конкуренција ќе има помалку километри за патување на секоја трка. Патеката е со просечна должина, релативно е тешка, но според првите сознанија не би требало да биде комплицирана за учење. Во текот на подготовките, пред тргнувањето за Франција, се трудев патеката добро да ја изанализирам со помош на видео клипови и он-борд снимки. Сепак, на лице место, прво што се забележува е специфичниот асфалт кој е многу лизгав поради што возилото ќе се однесува нестандардно во одредени свиоци. Предноста на конкуренцијата во тој дел е повеќе од јасна, затоа што тие имаат далеку повеќе искуство од оваа патека. Во текот на тренинзите ќе видиме каде сме, а во недела ќе се обидеме да атакуваме на што подобар пласман – изјави Стефановски по пристигнувањето во Франција.
Трката ќе се вози на патеката од Сент Жан до врвот Кол Сент Пјер во должина од 5.280 метри. Предвидени се два саботни тренинзи и три возења во неделата, а за вкупниот пласман ќе се смета збирот од двете најдобри неделни возења.
Ова е 42-ро издание на оваа трка, а освен за Европскиот, ќе се бодува и за домашниот шампионат на ридски патеки. Вкупно се пријавени 214 учесници од 11 земји меѓу кои, за прв пат, и од Македонија.
– Мотивот е огромен, ова е тоа за што сонував во текот на целата кариера. Викендов почнува мојот најголемиот животен предизвик. Се надевам на успешно деби на патеката во Франција – додаде популарниот Иџе.
За Европското првенство се пријавени вкупно 36 учесници од кои 17 болиди и 19 автомобили. Со своето „мицубиши ланцер“ (Mitsubishi Lancer EVO IX), Стефановски се натпреварува во групата N, во која освен него ќе има уште 7 возачи. Меѓу нив се актуелниот европски шампион, Хрватот Томислав Мухвиќ и вицешампионот Јиржи Лос од Чешка кои се и најголеми фаворити за првото место во оваа група. Според правилата, бодувањето во генералниот пласман се врши според пласманот во одделните групи, односно победникот во секоја група добива 25 бода, второпласираниот 18 итн.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.