| четврток, 6 декември 2018 |

Свој на своето за едно евро по квадрат

Со одлуката за легализација на објекти за едно евро за еден квадратен метар и повеќе законски решенија се овозможува решавање на едно горливо прашање за многу граѓани, прашање кое долги децении се провлекуваше во нашето општество и не им овозможуваше на граѓаните да стекнат сопственост врз сопствените домови, во кои најчесто живеат од раѓање. Досега во општините пристигнале повеќе од 350.000 барања за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, а во Агенцијата за катастар на недвижности се спроведени повеќе од 84.505 решенија

Можноста да се легализираат сопствените објекти изградени на диво, за само едно евро за еден квадратен метар, е одлука на Владата која усреќи многу семејства. Граѓаните станаа газди на своите куќи, кои дотогаш, практично, не биле нивни бидејќи не поседувале црно на бело, односно документ што ќе потврди дека тој објект е нивен. Таквите куќи не можеа ниту да се отуѓуваат бидејќи никој не сака да купи нешто што е фиктивно, барем на документ. Објекти имаше, но тие никаде не беа запишани и заведени како постојни. Проблемот можеше да се реши со легализација, но, од друга страна, пак, цените за легализација беа вртоглаво високи, па луѓето велеа дека е полесно да се почне да се гради нешто отколку да се легализира веќе постоен објект. И тогаш Владата, свесна за тој проблем на граѓаните, донесе одлука за легализација на бесправно изградените објекти по само едно евро за еден квадратен метар. Поповолно од тоа не можеше да биде. Се отвори можност секој да стане сопственик на своето живеалиште. На тоа се надоврза и одлуката за легализација на дворовите и на доградените тераси по иста цена, што значеше уште една поволност за луѓето, која ги реши повеќедецениските проблеми со сопственост.

– Куќата ја изградив во 1980 година, но не со план и дозвола, туку на диво. Тогаш ми беше важно само да имам покрив над главата и да имам каде да се засолнам со своето семејство кое тогаш почна да се зголемува, односно се оженив и добив дете. Со години живеев во мојата куќа, која не ја чувствував како сопствена бидејќи ми беше јасно дека со државата нема играчка и дека кога-тогаш може и да ја загубам. Не дека не сакав да ја легализирам, но трошоците за тоа беа високи, а моите деца растеа и задоволувањето на нивните барања значеше сѐ повеќе пари. Колку и да правев математика како да го решам проблемот со дивоградбата, есапот не ми излегуваше. Страв ми беше да живеам така, но мојата куќа како да не беше моја. Не можев ни да ја продадам. Тогаш Владата излезе со одлуката за легализација на објекти што се изградени на диво за само едно евро за еден квадратен метар. Тука ја видов шансата за решавање на мојот повеќедецениски проблем. И го решив. И тоа не само мојот, туку и проблемот на моите деца. Сега спокојно живеам во, слободно можам да кажам, мојата куќа. Утре, доколку сакам, можам дури и да ја продадам куќата бидејќи сум нејзин сопственик. Има ли нешто поубаво од тоа да си свој на своето, а сето тоа благодарение на оваа власт, која има слух за потребите на своите граѓани – вели еден од граѓаните кој неодамна го доби решението за легализација на неговата куќа.

И фирмите имаат корист од оваа владина одлука.

– Можноста за легализација на објекти по едно евро за еден квадратен метар мене ми дојде многу добро. Јас имав доградба на постоен објект, кој го легализирав по многу поволна цена. Претходно не само што целата постапка би ме чинела повеќе, туку имаше и многу правни пречки кои едноставно оневозможуваа легализација на бесправните објекти. Сега сум мирен, си работам без да се плашам дека некој ќе дојде да ми ја урива доградбата. Освен што сум мирен од таа страна, ми се отворија нови можности за проширување на бизнисот бидејќи сега, поради поголемата квадратура на објектот, добив шанса за подигнување поголем кредит од банка. Сѐ на сѐ, одлична владина мерка – вели Никола Јовановски од фирмата „Клевер-МК“.

Процесот на легализација на објектите што се изградени на диво почна пред три години.

– Пред три години почна процесот на легализација на бесправните објекти, беше креирана законска рамка и беа определени рокови за да се реши проблемот на голем број граѓани во Република Македонија со цел и тие да станат сопственици на објектите и да можат да ги ползуваат правата што произлегуваат од таа сопственост. Во периодот по донесувањето на законот и поднесувањето на барањата и останатата документација што е потребна за легализацијата, Владата на Република Македонија и Министерството за транспорт и врски континуирано и секојдневно го набљудуваа одвивањето на овој процес за тој да заврши што побрзо и да биде решено прашањето кое за многумина е од животно значење – вели Елена Кузмановска, државна секретарка во Министерството за транспорт и врски.

Според неа, досега во општините пристигнале повеќе од 350.000 барања за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти.

– Досега, во Агенцијата за катастар на недвижности се спроведени повеќе од 84.505 решенија, од нив во градот Скопје се повеќе од 26.205, а останатите во другите општини, што значи дека оние што го завршиле процесот на легализација ги впишале своите објекти и стекнале сопственост, но реалната бројка на легализирани објекти е поголема затоа што не сите што добиле решенија за утврдување правен статус ги имаат впишано објектите во катастарот – додава Кузмановска.

Гази Баба е општина со најголем број предмети за легализација.

– Во Општина Гази Баба во рокот за понесување барања за легализација на бесправно изградени објекти на физички и на правни лица беа поднесени околу 16.000 барања, од кои за 7.500 предмети се поднесени елаборати. Во процесот на легализација работат 8 комисии, односно вклучени се 36 луѓе, кои постапуваат по барањата, вршат увид на самото место, подготвуваат записник од увидот, издаваат урбанистичка согласност за бесправен објект и прават заклучок за пресметка на надоместок. Откако ќе се изврши уплатата, се изготвуваат решенија за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти. Досега се издадени околу 3.690 урбанистички согласности, а доделени се вкупно 3.380 решенија. Апелираме до граѓаните поскоро да ја комплетираат потребната документација, да не го чекаат крајниот термин бидејќи може да се случи фирмите што ги изготвуваат елаборатите од преголем обем на работа да не можат да стигнат сите да ги подготват во предвидениот рок – вели градоначалникот на оваа скопска општина, Тони Трајковски.

Заради подобрување на процесот на реализацијата и заради прифаќање на барањата на граѓаните, направени се измени во Законот за постапување со бесправно изградени објекти за продолжување на рокот за достава на геодетските елаборати што се потребни за легализацијата, за продолжување на рокот за достава на барањата за легализација на терасите и терасите пренаменети во станбен простор и за допрецизирање на постапката за утврдување правен статус на линиски инфраструктурни подземни објекти.

– Една од важните измени се однесува на продолжување на рокот за доставување геодетски елаборати за утврдување на фактичката состојба на бесправен објект до 31 декември 2015 година. Значи, претходниот рок за доставување на елаборатите, кој беше предвиден до јуни 2014 година, сега се продолжува до 31.12.2015 година. Анализите покажаа дека дел од лицата што поднеле барања за легализација во определени случаи доцнат со доставување на геодетските елаборати, кои се составен дел од документацијата која во согласност со Законот е потребна за утврдување на фактичката состојба и за комплетирање на постапката. Сега, со предложената измена за продолжување на рокот ќе се овозможи доволен период за изработка и за доставување геодетски елаборати – вели државната секретарка во Министерството за транспорт и врски.

Продолжувањето на рокот се прави и поради тоа што се утврдило дека геодетските друштва, поради бројноста на друштвата од една страна и поради големиот број предмети од друга страна, не се во можност да ги изработат сите геодетски елаборати во предвидениот законски рок. Тоа би можело да придонесе да се одбие барањето поради недоставување на тој елаборат, а без вина на барателот. Продолжување на рокот е од интерес на граѓаните и е позитивен одговор на нивните барања за да можат да си ги легализираат објектите, да стекнат сопственост врз нив и да ги користат придобивките од таа сопственост. Со друга измена на Законот, преку продолжување на рокот, се дава и нова можност за поднесување барање за утврдување правен статус на бесправни доградби на објекти со намена домување во станбени згради – тераси и тераси пренаменети во станбен простор.

– Таа измена е направена поради тоа што е констатирано дека голем дел од граѓаните немаат поднесено барање за утврдување правен статус за овој вид објекти поради висината на надоместокот што беше првобитно утврден со Законот, а кој беше во висина на постојните комуналии. Поради послабиот процент на поднесени барања за легализација на терасите и терасите претворени во станбен простор, ние веќе извршивме промена на висината на надоместокот, односно се утврди надоместокот наместо во висина на комуналиите да биде во висина од 61 денар (1 евро) за еден квадратен метар. Сега, со пониските цени, се овозможува продолжување на рокот за поднесување барање за легализација на овие објекти за да може да се изврши поднесување барања од страна на граѓаните. Новиот рок за доставување на овие барања за легализација на терасите и терасите претворени во станбен простор е 30 јуни 2015 година, а значајно е да се потенцира дека овој нов рок важи само доколку објектите се изградени до денот на влегување во сила на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, односно пред 3 март 2011 година – објаснуваат од Министерството за транспорт и врски.

Со измените на Законот се врши и прецизирање на постапката за утврдување правен статус на линиски инфраструктурни подземни објекти (водовод, канализација, оптички и телекомуникациски мрежи) кои биле бесправно изградени во смисла на тоа дека се изработува посебен геодетски елаборат од страна на компаниите што претендираат на нив и истите ги користат, со оглед на карактерот на овој вид објекти.

Со овие законски решенија се овозможува решавање на едно горливо прашање за многу граѓани, прашање кое со децении се провлекуваше во нашето општество и не им овозможуваше на граѓаните да стекнат сопственост врз сопствените домови во кои најчесто живеат од раѓање.

(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 83. број на неделникот „Република“, 4.04.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top