| четврток, 6 декември 2018 |

Д-р Семиз: Очните прегледи се неопходни кај болните од дијабетес

Дијабетесот е заболување кое, покрај основната болест, носи ризик од компликации за кои пациентите треба да бидат информирани и навремено насочувани од страна на нивните матични лекари или ендокринолози на редовни прегледи кон соодветните специјалисти.

– Очните прегледи се од суштинско значење за навремено откривање и превенција на компликациите што се јавуваат од ова заболување со цел зачувување на видната острина на пациентот и подобрување на квалитетот на живот – вели д-р Фарук Семиз, хирург-офталмолог и директор на „Европска очна болница“ во Скопје.

dr faruk 03

 

Што е дијабетичната ретинопатија?

Д-р Семиз: Дијабетичната ретинопатија (ДР) е сериозно очно заболување кое се јавува како компликација на дијабетесот и промените се на ниво на очното дно. Дијабетичната ретинопатија се манифестира во две форми, непролиферативна и пролиферативна. При напредување на процесот кај првата, во еден момент може да премине во втората форма. Ненавременото откривање и нелекување на дијабетичната ретинопатија води до тешки промени и компликации, кои порано или подоцна водат до слепило.

Како се дијагностицира ова заболување?

Д-р Семиз: Освен основен офталмолошки преглед, преглед на очното дно на широка зеница, се прави и флуоресцинска ангиографија, оптичка кохерентната томографија и ехографија. Најсовремените дијагностички методи се многу важни за откривање на заболувањето и степенот во кое се развило како и одредувањето на понатамошниот третман.

Зошто е важно навременото откривање и третманот на болеста?

Д-р Семиз: Двете форми на ретинопатија можат да бидат придружени со оток на центарот за вид (макуларен едем). Дијабетичниот макуларен едем се карактеризира со насобирање течност и депозити во макулата, што доведува до нејзино задебелување, а се манифестира со намалување на централната видна острина и искривување на сликите. Понапредната или нетретирана дијабетична ретинопатија води до потешка форма на болеста каде што има сериозно нарушување на видната острина. Пациентот има чувство на нагло намалување на видот во дел или во целото видно поле. Ако крварењето во окото не се лекува, доаѓа до појава на мембрани во стаклестото тело, кои вршат влечење (тракција) на ретината и одлепување на ретината. Видот во тој случај е многу намален (пациентот може да види само предмети непосредно пред окото или приметува само светлина). Ова е најтешка компликација на дијабетичната ретинопатија, која ако не се лекува доведува до неповратно и целосно губење на видот на тоа око.

Кои се достапните третмани за лекување на компликациите?

Д-р Семиз: Третирањето на дијабетичната ретинопатија зависи од типот на болеста и од степенот на прогресија.

– Ласерска терапија (панретинална фотокоагулација)

IMG_8428-1024x682

Интервенција со аргон-ласер со кој се врши коагулација на периферната ретина при што се зачувува централната зона (макулата и нервот на окото). Во случаи каде што има недоволно снабдување со крв на ретината (како кај дијабетичната ретинопатија, затворање на венски крвен сад, воспаленија – васкулити) доколку не се третира ласерски, можно е да дојде до посериозни компликации (крварење, одлепување на мрежницата), за кои потоа е потребна операција. Важно да се знае дека ласерирањето нема да доведе до подобрување на видната острина, дека по ласерирањето таа може дури и да се намали. Целта е да се запре прогресијата, да се зачува моменталната видна острина и да се спречат потешки компликации. Интервенцијата е безболна, се изведува со анестезија со капки, на широка зеница со помош на контактна леќа, пациентот е во седечка положба, во амбулантски услови.

Апликација на медикаменти во окото (anti-VEGF)

anti VEGF terapija

Во случаи кога има формирање на нови крвни садови во ретината, од кои лесно доаѓа до крвавење и насобирање на течност (едем) во ретината и посебно во макулата, се применува терапија со anti-VEGF. Toa e синтетски медикамент кој го спречува растот на нови крвни садови во ретината. На тој начин помага во одржување на централниот вид и одложување на појава на други компликации. Неговата апликација е безболна, се врши во стерилни услови и според потребата, со повеќе инјекции во одредени временски интервали.

– Оперативно лекување (витректомија)

viteroktomija

Витректомијата е една од најкомплексните микрохируршки процедури кои се користат во офталмологијата. Таа претставува единствена терапија за многу болести на задниот сегмент на окото. Вклучува употреба на последната генерација на оперативни системи за задниот сегмент на окото – микроинцизиона техника, ендоласер, со примена на силиконско масло или експанзивен гас, кој овозможува прилегнување на мрежницата. Овие операции обично се вршат под локална анестезија, по принципите на еднодневна хирургија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top