На 10 април 2014 година во Скопје заврши хуманитарната акција „Прегратка на дар“, која веќе трета година успешно се реализира во организација на порталот „Рингераја“ и „Млекара Битола“ како главни покровители.
Со цел да се поттикне хуманоста и да им се помогне на децата во детските клиники што полесно да ги поминат деновите во нив, во изминатите пет месеци се реализираа многубројни активности – од децата за децата. Повеќе од 10.000 дечиња низ цела Македонија рачно изработија 7.000 играчки и исто толку честитки, што беа дарувани на децата во детските одделенија на сите болници во државата, но и во СОС-центрите и за Црвениот крст. Покрај организаторите, во акцијата „Прегратка на дар“ учествуваа претставниците на „Иванов“ школата за млади лидери и г-ѓата Маја Иванова, првата дама на Република Македонија, како и многубројни други волонтери.
Во рамките на проектот беа реализирани 25 работилници во градинките во целата држава, за значењето на хуманоста и помагањето. Изработена е и отпечатена едукативна сликовница во 10.000 примероци и поделена на сите дечиња, учесници во проектот. Проектот опфати и повеќе настани – беше организирана голема изложба на рачно изработените играчки, прва од ваков вид во Република Македонија, а на интернет-медиумот „Рингераја“ беше организиран натпревар за најкреативна играчка, при што беа наградени пет градинки, кои имаа најкреативни изработки.
Покрај благодарници на градинките учесници во проектот „Прегратка на дар“, од страна на генералниот покровител на проектот „Прегратка на дар“ – „Бимилк“, беа наградени децата, чијашто изведба на драматуршката форма на сликовницата „Светот е мал за овој голем кашкавал“, беше најдобра.
-Оваа прекрасна хуманитарна акција успешно ја реализиравме и се надеваме дека ќе продолжи и во иднина. Нашата цел е уште од најрана возраст децата да го сфатат значењето на дарувањето, поддршката и помошта на другите, секојпат да се однесуваат со почит и внимание кон луѓето и околината. Оттука и оваа акција се одвиваше под мотото: „Од децата за децата: грам љубов за тон здравје“ – изјави Полексена Ристевска, менаџерка за маркетинг на „Бимилк“.
Проектот „Прегратка на дар“ ја доби Националната награда за најдобра општествена практика за 2012 година од страна на Координативното тело за општествена одговорност на претпријатија и ја претставуваше Македонија на „Европскиот систем за наградување на општествена одговорност на претпријатија“ во Брисел. Овој проект, исто така, е добитник на Европска награда за општествена одговорност, која ја доделува Европската комисија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.