| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: ВМРО-ДПМНЕ ја цени довербата и го исполнува дадениот збор

gruevski.jpg 2

Нови 100 милиони евра за компаниите со субвенционирана камата, изградба на експресен пат од Штип до Радовиш, инвестициски проекти за наводнување на нови 24.350 хектари земјоделско земјиште низ цела Македонија, засилени вложувања за проширување и рехабилитација на постојните хидро системи, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски од вечерашниот митинг во Струмица.

Промовирајќи ја новата програма „Проверено“ 2014-2018 за која истакна дека е најобемната и најдобрата досега понудена во Македонија, Груевски рече дека веќе е направен десетгодишен план и е утврден потребниот буџет не само за обнова на мрежата за наводнување, туку и за градење нови мрежи, примарни, секундарни и терциерни.

Овој проект, истакна, ќе се спроведе бидејќи наводнувањето моментно е еден од најгорливите проблеми на земјоделците.

– Со новата програма ветуваме дека во предвидениот рок од три години ќе заврши и изградбата на автопатот од Скопје преку Свети Николе до Штип. Во 2017 ќе почне изградбата на експресниот пат со четири ленти од Штип до Радовиш кој ќе се спои со новоизградениот пат меѓу Радовиш и Струмица кој значително ја зголеми безбедноста на патувањето во кој вложивме 8 милиони евра за изградба на тие 10 километри, нагласи Груевски.

Ветуваме, додаде, нови 100 милиони евра кредити за компаниите со субвенционирана камата од 5,5 отсто.

– Ова беше еден од клучните чекори што ги направивме за време на кризата. Кога сите очекуваа кога почна светската криза и европската должничка криза, дека каматите на кредитите ќе пораснат на 10 и 15 отсто зашто така беше во другите држави, ние, владиниот тим, најдовме решение за изнаоѓање кредитни линии и за нивно субвенционирање, па наместо 10 или 15 отсто фирмите почнаа да плаќаат пониска камата и од таа што ја плаќале пред да почне кризата со цел да помогнеме да не дојде до отпуштање на вработените и зголемување на невработеноста, посочи Груевски.

Таа стратегија, како што потенцира, успеа, и наместо да расте, невработеноста се намали, средe криза, со субвенционирани камати.

Дел од програмата „Проверено“ е и проектот кој предвидува учениците да учат по програма од Кембриџ.

– Во новата програма се предвидуваат промени и во образованието. Предвидено е менување на наставните програми во делот на природните науки и математиката. Програмите ќе се менуваат со преземање на природните науки и математиката од Кембриџ, најсовремената во моментов институција за правење наставни програми, подвлече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Воедно нагласи дека предвидена е набавка на 300.000 таблет компјутери со тастатура како замена на постојните за учениците.

Груевски ги повика присутните на вечерашниот митинг да не се колебаат и да одат на проверено, бидејќи, напомена, ВМРО-ДПМНЕ докажа дека ја цени довербата и го исполнува дадениот збор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top