
Колумнист:
Драган Таневски
Се запознав со еден момак кој работи во службата за изгубено најдено. Одевме на долго патување, па имавме доволно време за муабет, и човеков се отвори до коска. Какви приказни ми раскажа, хух… дали се за кажување не знам. Ај ќе ризикувам. Еве кога го прашав што најчесто пријавуваат луѓето дека нашле, тој отсечно ми кажа – ВРЕМЕ. Го наоѓаат на разни места – на улица, во автобус, во кафани, на станици, во матично, по школите, по судовите… Луѓето најчесто губат ВРЕМЕ. Минути, часови, денови, децении. За чудо, никој не пријавил загубено време досега. Па се чудевме, дали воопшто знаат луѓето дека постои центар за изгубено – најдено во градов. Признај, и ти не знаеше дека постои ваква служба . Епа, има. Сега си информиран.
Да се вратам на приказната. Многу често меѓу загубените предмети се наоѓаат и поскапоцени работи, на пример – ЧЕСТА. Ехее, магацинот им бил полн со изгубена чест. Почнале дури и да ја класифицираат по големина, по времетраење, по пол, по цена. Пак мистериозното прашање – дали некој пријавил дека ја изгубил својата чест? Неее, полесно се живеело без неа, ехеее, да знаеле и порано би ја фрлиле негде во некој ендек. Аха, исто така еден од најчестите предмети во центарот била – ДОВЕРБА. Аууу тони и тони изгубена доверба, а никој не доаѓа да си ја бара назад. Навикнале луѓето да живеат така индиферентно и се да примаат со резерва. Да, да и од најблиските. Посебно од најблиските. Посебно од тие со кои го делат покривот, ВЦ-то, па дури и креветот. А па тек пријателства. Не им се знае број. Мали, големи, нови, стари, долги, кратки. Цела колекција.
Секакви предмети се наоѓаат во центарот. Еве, на пример ДОСТОИНСТВО. Немале веќе место по рафтовите, па морале да го праќаат во центар за рециклирање, ама и од таму им го враќале со изговор дека некои работи едноставно не се рециклираат. Дали поради поминат рок или големи оштетувања, кој знае. Ништо, морало на депонија. Можело да се најде од се по нешто – Хуманост, Дарежливост, Трпение, Оптимизам, Хумор, Вера, Надеж. Најтешка од сите била надежта. За да ја поместат им требал виљушкар. И посебни рафтови. Ама на вработените најтешко им паѓало кога ќе им донеселе изгубена љубов. По цели ноќи испуштала звук, нешто како липање и цвилење. Било неподносливо, па морале да ја сместуваат во подрум.
Бидејќи сфатиле дека народот не знае за центарот, објавиле огласче во некоја ефтина новина, онака со скромен буџет. Почнале да ѕвонат телефоните, ама луѓето главно барале работи кои никој не ги пријавува – пари, накит, мобилни телефони… Раскажува момаков како еден ден дошла една бабичка да праша да не и се тука децата, бидејќи ги снемало сосема. Ни да дојдат, ни да се јават, ниту пак да кренат телефон кога таа ги бара. Бабичката видела негде во новина пасусче дека постои ваков центар, па си рекла – да си ја пробам среќата, што имам да изгубам? Дошла и група дечиња од оближниот дом за сирачиња. Си ги барале родителите. Барале, барале по рафтовите ама без успех. Негде им ги прочитале имињата, ама на други предмети – изгубено достоинство, хуманост, родителска љубов, но од родителите ни трага.
Го прашав дали постои некој предмет што никогаш не пристигнал во нивниот центар за изгубено – најдено. Момаков размислуваше малку па ми кажа – изгледа СУЕТА, ГОРДОСТ и СЕБИЧНОСТ, тие никогаш не ни ги пријавиле до сега.
Нив изгледа никој не ги губи.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


