| четврток, 6 декември 2018 |

Ставрески: Обезбедени се средства за обештетување од поплавите во Босилово

Митинзи во Ново Село, Босилово и Василево, како и средби со жители од повеќе населби, одржа денеска коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Пред граѓаните, освен носителот на листата во четвртата
Изборна единица Зоран Ставрески, зборуваа и кандидатите за пратеници од Струмичко, Силвана Бонева, Васил Пишев, Ромео Тренов и Славе Гошев.

– Продолжуваат разговорите со откупните претпријатија за склучување договори со тутунопроизводителите. Веќе се обезбедени средства за обештетување од поплавите што го зафатија и Босилово. Ви гарантирам дека секој што е на списокот ќе си добие пари по изборите –  рече Ставрески.

Како и досега, додаде, Владата и премиерот Никола Груевски ќе се грижат за развојот на земјоделството и руралните средини. Ставрески се осврна на проектите од новата програма чија цел е, рече, подобрување на животниот стандард, но зборуваше и за конкретните мерки што ќе се преземат во Босилово.

stavreski

– Ќе се намали данокот на додадена вредност на детските артикли и училишниот прибор со што секое семејство ќе заштеди по 3.000 денари. Во Босилово ќе го реконструираме патотБосилово – Струмица, ќе изградиме нов локален пат Бориево-Еднокуќево, Босилово Радово, нова детска градинка во Босилово и уште многу други проекти кои ќе ги реализираме заедно со градоначалникот за што подобар живот – истакна Ставрески.

Коалицијата „За подобра Македонија“ вечер ќе одржи митинг во Струмица на кој се очекува да зборува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top