| четврток, 6 декември 2018 |

Пишев: Очекуваме 30 компании да инвестираат во Македонија во наредниот период

pisev

Новата програма „Проверено“ придвидува многу проекти кои се од суштинско значење за стопанствениците  во Струмица, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Васил Пишев, на денешната прес-конференција, на која ги промовираше проектите од програмата во делот на стопанството и бизнис заедницата.

– Развојот на економијата и стопанството во Македонија остануваат висок стратешки приоритет на Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ. Ќе има многу проекти со конкретни рокови. Мерките на Владата во новата програма дирекно ќе се одразат во Струмица и струмичкиот регион – посочи Пишев.

Тој додаде дека ќе продолжат со ниските даноци, со ефтините кредити за малите и средните претпријатија, и со изградбата на Технолошко индустриските зони.

Во програмата „Проверено“, посочи,  има конкретни мерки и проекти од кои, како што нагласи,  големите, средните и малите претпријатија ќе видат големи бенефити.

– Ќе продолжиме со подршката на приватниот сектор преку низа на мерки како на пример помош на фирмите за високите сметки за струја, натамошна изградба на инфраструктура како патишта, железници, енергетски потенцијали и рудници кои пак дирекно ќе им дадат работа на илјадници работници од градежништвото – рече Пишев.

Посочи и дека Македонија ќе остане држава со најмали даноци во Европа и дека во следниот период очекуваат најмалку 30 компании да инвестираат во Македонија, и со тоа вработувањето на младите да продолжи со голема динамика.

– Исто така македонскиот сточарски сектор нека очекува оваа година намалување на ДДВ – то  од 18 на 5% за добиточна храна, адитиви за добиточна храна и за жив добиток. Намалување на стапката на ДДВ од 18 на 5% за училишниот прибор и бебешките производи – додаде Пишев.

Нагласи и дека мерката за намалување на каматите за субвенциониран станбен кредит од проектот „Купи куќа Купи стан“ ќе продолжи и во иднина.

– Оваа година ви се достапни нови 100 милиони евра од  поволните кредитни линии  од Европската инвестициона банка и се на располагање на фирмите во текот на 2014 година. Издавање на сите нефункционални објекти во државна сопственост по многу пристапни цени. Реинвестираната добивка и натаму нема да се оданочува. Оваа година ќе се воведат низа на мерки кои бирократските и тешки процедури со документи, хартија и шалтери ќе се заменат со брз, ефикасен и компјутерски метод за вадење на електронски одобренија, дозволи, планови  и слично. Голем број на проекти со дирекни субвенции за подршка и развој на занаетчиските фирми. Голем број на мерки за царински и прекугранични олеснувања – посочи Пишев.

Тој апелираше до сите граѓани на Струмица да ја прочитаа програмата „Проверено“, во која како што нагласи, има голем број на проекти кои ќе продолжат да ја развиваат Македонската економија, ќе ги јакнат претпријатијата и стопанството и ќе ја намалуваат невработеноста.

– ВМРО-ДПМНЕ има целосен лигитимитет да зборува за економија, инвестиции и развој бидејќи докажавме дека можеме да работиме преку видиливи дела, но можеме и уште повеќе и за тоа ни треба вашата подршка за силен мандат со 62 пратеника за да ги оствариме зацртаните цели – рече тој.

Пред денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ во Струмица, претеникот Пишев ги повика сите струмичани, сите граѓани на Македонија масовно да дојдат на градскиот плоштад во Струмица и да ја поддржат програмата на ВМРО ДПМНЕ, бидејќи, како што рече, таа е проверена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top