Во моментов, има неколку странски компании кои разгледуваат модел за браунфилд инвестиција во Македонија, а потоа гринфилд и тоа од Германија, Италија и САД, најави директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Виктор Мизо.
– По примерот на американската компанија „Амфенол“ која почна со производство на автомобилски делови во погоните на Атом во Кочани, има неколку странски инвеститори од Германија, Италија и САД за ваков вид инвестиција. После стартот на производството тие би ја прошириле инвестицијата со изградба на нов производствен погон во некоја од слободните зони. Тоа кажува дека новиот модел на Владата за привлекување на инвеститори веќе ги дава посакуваните резултати – вели Мизо.
Најчесто станува збор за инвестициски модел, кој компаниите го избираат по примерот на Џонсон Контролс во Штип, почнувајќи во прва фаза со работа во изнајмена хала, каде вршат тренинг и обука на околу 20 отсто од потребната работна сила, а паралелно започнуваат и со градба на сопствен производен капацитет во некоја од слободните зони.
– Следствено, по завршувањето со изградба на фабриката би продолжиле производство во истата и би ја комплетирале втората фаза, односно гринфилд инвестицијата во Македонија. За оваа цел се креираше и електронска база на браунфилд објекти на целата територија на Македонија. Во моментов, имаме неколку странски компании кои го разгледуваат овој модел за инвестирање во Македонија – браунфилд, а потоа гринфилд, и тоа од Германија, Италија и САД – објаснува Мизо.
Освен за привлекување на странски инвестиции идејата за браунфилд е атрактивна и за домашните бизнисмени. Според информациите од Агенцијата за странски инвестиции неколку компании главно од скопскиот и јужниот регион се најзаинтересирани за реализација на браунфилд инвестиција.
Најголем е интересот за инвестиции во Гевгелија и Струмица. На листата се наоѓаат над 400 објекти, во кои спаѓаат цели комплекси или делови од компании од поранешни производствени капацитети, како што се фабрики, хали, сали,магацини, деловни згради и туристичко-сместувачки капацитети, како хотели и одморалишта. Меѓу земјоделските капацитети има оранжерии, делови од комбинати, производствени површини и слично. Овие над 400 објекти наведени во листата располагаат со простор од над 1.700.000 метри квадратни, а доколку се земе вкупната површина која е содржана на листата, во која покрај објектите спаѓаат и дворовите, земјоделски површини поврзани со процесот на производство, градежните земјишта и слично, тогаш вкупната површина изнесува над 4.500.000 метри квадратни. Меѓу попознатите капацитети кои се на листата се Фабриката за акумулатори Пробиштип, Јака Табак Радовиш, Фротирка Делчево, Македонка Штип, Фабрика Македонија Неготино, Хемтекс, Застава Охрид, Езерка Охрид, АДГ Маврово, Порцеланка Велес, Киро Ќучук Велес, Отекс, ЕМО, Металка Кичево, Карпош Крива Паланка, хотел Македонија Берово, Одморалиште Стар Дојран, хотел Фламенго Охрид, МЗТ Пумпи Берово, Огражден, Фабрика за кабли Неготино, Леснина, Бујото.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.