| четврток, 6 декември 2018 |

Се запалил хотел во Прага во кој престојувале средношколци од Македонија!?

top hotel ceshka

Седумдесет гости ноќеска биле евакуирани поради пожар што избувнал во хотелот „Топ“ во Прага. Според информациите од противпожарната бригада на Прага, пожарот избувнал на петтиот кат од хотелот, во блокот Б, откако се запалила гарнитура што била поставена во ходникот.

Огнот веднаш ги зафатил завесите и ѕидовите на катот, а потоа се проширил и на шестиот кат. Седумдесет гости од петтиот кат во хотелот биле евакуирани уште пред да пристигнат пожарникарите. Според противпожарната служба, помош била укажана на еден член на персоналот на хотелот кој при интервенцијата вдишал од чадот.

Наши читатели тврдат дека во тој хотел биле сместени и средношколци од повеќе училишта во Македонија кои биле на екскурзија во Прага. Меѓу нив и ученици од средното училиште „Ѓорѓи Димитров“ од Скопје.

Според информациите на нашите читатели, пожарот избувнал во 1 часот по полноќ, а дел од средношколците во тој моментот само што се вратиле од дискотека. По избувнувањето на пожарот завладеала паника меѓу учениците, а по евакуацијата ноќта ја минале под отворено небо.

Сѐ уште немаме официјална потврда дали и колку ученици од Македонија имало во хотелот во кој избувнал пожарот и каква е нивната здравствена состојба.

Директорот на средното училиште „Ѓорги Димитров“ за „Република“ утрово потврди дека од тоа училиште има деца на екскурзија во Прага, но тврдеше дека нема информација дека во нивниот хотел избувнал пожар, а не сакаше да открие во кој хотел се сместени децата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top