| четврток, 6 декември 2018 |

Претседателот Иванов добитник на наградата за демократија и пазарна економија на ФАС

ACE_4958

Фондот за американски студии, престижен институт во Вашингтон за промовирање лидерство во политиката и развој на слободата и пазарната економија во светот, го избра претседателот Ѓорге Иванов за добитник на нивната Награда за слободата.

Наградата се доделува секоја година, почнувајќи од 1995 година, на истакнати лидери од источна и централна Европа, за да се признаат нивните заслуги за промовирање на демократијата и слободните пазарни економии во нивниот регион. Претседателот Иванов е добитник на наградата поради неговите достигнувања во текот на првиот мандат, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

– Одборот на ФАС е во контакт со лидерите од средна и источна Европа, кои ги одразуваат вредностите на фондацијата. Го одбравме претседателот Иванов поради неговите достигнувања во промоцијата на економската слобода на земјата, сите успеси постигнати во намалувањето на даночните стапки, намалувањето на невработеноста, зголемувањето на транспарентноста и подобрувањето на јавното образование. Сето тоа го прави одличен пример за нашите студенти и за другите земји во светот. Ја следевме Македонија во изминатите пет години и може да се каже дека има постигнато многу големи успеси – на Индексот за економски слободи на фондацијата „Херитиџ“ Македонија значително напредува, како и на другите индекси на транспарентноста, изјави Стивен Слатери, потпретседател на Фондот за американски студии.

Во минатото, носители на оваа награда беа Лех Валенса од Полска, Зоран Ѓинѓиќ од Србија, Арпад Гонц од Унгарија, Март Лаар од Естонија, Борис Тадиќ од Србија, Миклаш Ѕуринда од Словачка, Вацлав Клаус од Чешка и други лидери од регионот. Наградата на претседателот Иванов ќе му биде доделена во август 2014 година во Карловиот универзитет во Прага.

– Имавме доста македонски студенти низ годините, и се надеваме дека сега, благодарение на оваа награда за претседателот Иванов, ќе донесеме и повеќе македонски студенти, како во универзитетот во Прага, така и во Вашингтон, на обука и стажирање, изјави Слатери.

Фондот за американски студии е основан пред половина век од американскиот политичар Чарлс Едисон, син на научникот Томас Едисон. Во соработка со институти за образование и лидерство од САД и од светот, со локации во Хонг Конг, Сантјаго де Чиле и Прага, ФАС образува лидери и политичари со цел да го помогне промовирањето на слободата и пазарните принципи и низ нивните школи минале илјадници студенти и политичари од САД, Европа и од светот. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top