| четврток, 6 декември 2018 |

Антиќ е енигма за Индијана

Перо Антиќ игра извонредно во првата сезона во НБА за тимот на Атланта хоукс, а особено му оди добро против Индијана пејсерс, еден од најдобрите состави во овој циклус.

Ноќеска македонскиот репрезентативец оствари личен рекорд од 18 поени, со безмалку совршен шут од поле (6-7). Од четири дуели сезонава што Хоукс ги одигра со Индијана, Антиќ настапи на два и играше одлично.

На првиот натпревар „шестката“ на Атланта постигна 16 поени, што тогаш беше најдобро остварување за него. Фуриозната игра на Перо со 8 поени во серијата од 10-0 на „јастребите“ го одлучи мечот уште на самиот почеток, а Индијана ниту еднаш немаше предност и загуби со 87-97.

И ноќеска сценариото беше слично, а Антиќ постигна тројка и уште два поени, односно вкупно 5, во фуриозниот старт на Атланта, која поведе со 12-1, потоа и со 17-3. До крајот Пејсерс не успеа да се врати во игра и загуби убедливо со 88-107.

– Антиќ одигра одлично иако неговиот настап беше неизвесен поради проблеми со скочниот зглоб. Умешноста на Перо да игра и под обрачите и да се извлече на шут за три поени беше вистинска енигма за кошаркарите на Индијана, особено за Рој Хиберт. Рој по вторпат сезонава се мачеше во дуелот со македонскиот репрезентативец и одигра само 9 минути, ниту една во второто полувреме – пишува на официјалниот клупски веб-сајт на Атланта хоукс.

Интересно е што гостинскиот тренер Франк Фогел ги извади сите кошаркари од стартната петорка на Пејсерс по само 6 минути игра, нешто што е несекојдневно за НБА- лигата. Антиќ, Милсеп и останатите играчи на Хоукс ги исфрустрираа гостите уште од самиот старт и прокнижија мошне важна победа за пласман во доигрувањето.

Атланта е на осмото место во источната конференција, последно што гарантира настап во плејофот, а главен конкурент е Њујорк никс со три порази повеќе од Хоукс и една победа помалку. „Јастребите“ имаат скор од 34-42 и уште 6 натпревари до крајот, а Никс е со биланс од 33-45 и ќе одигра уште 4 натпревари.

Ако се пласираат во плејофот, кошаркарите на Атланта би можеле да играат со Индијана пејсерс, но поверојатно е дека противник ќе им биде шампионот Мајами хит.

Леброн Џејмс и соиграчите од Мајами се лидери на Истокот и имаат 53 победи и 23 порази, а Пејсерс е со идентичен број триумфи, но има два порази повеќе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top