| четврток, 6 декември 2018 |

„Македонска реч“ објави книга од Италијанката Дача Мараини на македонски јазик

Друштвото за издавачка дејност „Македонска реч“ од Скопје неодамна ја објави книгата „Украдена љубов“, на познатата и најпреведувана италијанска писателка Дача Мараини. Преводот од италијански јазик е на Анета Симовска. Дача Мараини е добитник на високи награди и кандидат за Нобеловата награда за литература. За „Украдена љубов“ (2012), веднаш по објавувањето, ја доби наградатa на Фондацијата „Кампиело“, а само во првите четири недели книгата достигна пет изданија.

Книгата содржи осум раскази. Осумте живи, реални и безвремени приказни, изострени и совршени, непоколебливи и способни да возбудат и да разочараат, Дача Мараини ги раскажува за светот поделен меѓу оние коишто со исконската тврдоглавост другиот го сметаат за објект што го поседуваат и од кого очекуваат да им робува. Покрај сите убави нешта што се поврзуваат со љубовта, ова четиво нуди една нејзина димензија по малку сурова, но, за жал, и многу реална.

Жените кои раскажуваат сакаат да покажат нешто интимно, неопходно и болно. Раскажуваат за насилството во името на љубовта. Протагонистките на „Украдена љубов“ водат една прастара и секогаш актуелна борба против љубените мажи, коишто се покажува дека сè почесто не се способни да возвратат на нивната љубов, да се соочат со одбивањето, копнежот, па прибегнуваат кон поинаков начин на освојување на љубовта, крадејќи ја од жените, девојките, девојчињата…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top